Општина Крива Паланка изработи Зелен катастар за дрвја и зелени површини во урбаното подрачје, како значаен чекор кон современо и одржливо управување со урбаното зеленило. Оваа активност се реализира во рамки на проектот „ПАРКС“, финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија, со поддршка на Европската унија.
Изработката на Зелениот катастар има за цел да овозможи систематско и планско управување со зелените површини, што вклучува нивно одржување и заштита. Преку овој инструмент се поставува основа за креирање долгорочна и квалитетна стратегија за развој на зеленилото на територијата на градот.
Во рамки на процесот, извршено е детално теренско снимање на урбаното подрачје, при што се евидентирани околу 5.000 дрвенести растенија. Податоците се обработени со современи софтверски и хардверски алатки, а во активностите активно учествуваа стручните служби на Општината и ЈП „Комуналец“. За потребите на управување со овие податоци, развиена е и веб-апликација, која овозможува лесен пристап и ефикасно администрирање на информациите за јавното зеленило.
Зелениот катастар обезбедува сеопфатни и прецизни податоци за типот, обемот, состојбата и местоположбата на зелените површини, што значително го олеснува донесувањето одлуки од страна на надлежните служби. Оваа алатка ќе помогне при изборот на соодветни садници, планирањето на нови зелени зони, како и при креирањето програми за одржување и унапредување на постојното зеленило. Дополнително, податоците од катастарот можат да се користат и за научно-истражувачки цели.
Со воспоставувањето на Зелениот катастар, Општина Крива Паланка се вбројува меѓу првите општини во земјата кои воведуваат ваков систематизиран пристап кон управување со урбаното зеленило, поставувајќи основа за одржлив урбан развој.
Покрај изработката на Зелениот катастар, во рамки на проектот „ПАРКС“ се реализираат и повеќе други активности, меѓу кои изградба на урбани зелени паркови во Крива Паланка и Дупница, поставување сензори за мерење на квалитетот на воздухот, изработка на педолошки анализи на почвата, подготовка на прирачник за избор и садење дрвја, имплементација на едукативната иницијатива „Зелени денови“, како и организација на работилници за размена на знаења, методологии и најдобри практики во областа на урбаното зеленило.
Со овие активности, Општина Крива Паланка ја потврдува својата посветеност кон унапредување на животната средина и создавање поквалитетни услови за живот на своите граѓани.





