По повод 1 Април – Денот на шегата, Општина Крива Паланка организира традиционален и весел настан посветен на најмладите – „Првоаприлски маскенбал“.
Настанот ќе се одржи на 1 април 2026 година (среда), со почеток во 11:00 часот, кога ќе започне детското дефиле од Автобуската станица, кое ќе се движи по главната улица „Св. Јоаким Осоговски“ до Градскиот плоштад. Главната програма ќе продолжи на плоштадот од 12:00 часот.
Во рамки на маскенбалот ќе учествуваат ученици од одделенска настава од ООУ „Јоаким Крчовски“ и ООУ „Илинден“, како и дечињата од детската градинка „Детелинка“, кои ќе се претстават со креативни и оригинални маски изработени со многу труд и љубов.
Програмата предвидува ревијално претставување на маските, избор на најуспешни креации, како и културно-забавна содржина. Присутните ќе имаат можност да уживаат во музички настап и забава со DJ Боно.
Општина Крива Паланка ги поканува сите граѓани да бидат дел од овој весел и шарен настан и заеднички да создадат атмосфера исполнета со радост, насмевки и детска креативност.





