Во Општина Крива Паланка денес беше презентирана Методологијата за споделување на знаења и развој на вештини во управувањето со урбаната зелена инфраструктура, изработена во рамки на проектот „ПАРКС“ – „Зачувување на областите преку регионално знаење и одржливост“.
Проектот се реализира во рамки на Интеррег VI-A Програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија, во партнерство со Општина Дупница, со вкупна вредност од околу 895.000 евра, од кои 388.000 евра се наменети за Крива Паланка.
Методологијата се базира на практични искуства стекнати преку проектните активности и има за цел да обезбеди применлив модел за зајакнување на општинските капацитети. Таа опфаќа три клучни сегменти – создавање, пренос и примена на знаења – со акцент на партиципативен пристап и прекугранична соработка.
Во рамки на проектот беа реализирани работилници, обуки и теренски активности, кои овозможија директна размена на искуства и унапредување на вештините на стручниот кадар, при што како предизвици беа нотирани недостигот на кадар и потребата од модерна опрема.
Покрај развојот на методологии и капацитети, проектот „ПАРКС“ вклучува и значајни инфраструктурни и иновативни активности. Конкретно во општина Крива Паланка беше уреден нов урбан зелен парк на површина од 1.800 м². Со ова, граѓаните добија модерно, урбано зелено катче и функционален јавен простор со што го облагородивме, го раззеленивме и ја разубавивме оваа локација, што со децении беше неискористена и нефункционалена.
Дополнително, изработен е прв зелен катастар, поставени се сензори за мерење на квалитет на воздух, спроведени се педолошки анализи, како и прирачник за одржување и избор на урбано зеленило. Во рамки на проектот беа реализирани и три работилници за трансфер на знаења и настанот „Зелени денови“.
Проектот „ПАРКС“ претставува пример за интегриран и одржлив пристап во развојот на урбаните зелени површини, со значајно влијание врз квалитетот на живот и регионалната соработка.




