Општина Крива Паланка и годинава, по повод празникот Прочка, успешно ја реализираше традиционалната културна манифестација „Сусурига“, настан кој претставува симбол на автентичноста, идентитетот и живото културно наследство на градот.
Во празнична атмосфера, исполнета со боја, музика и убава енергија, улиците на Крива Паланка беа исполнети со бројни посетители, учесници и љубители на традицијата. Централно место на манифестацијата беше дефилето на маски, изработени со голема креативност и посветеност, кои ја доловија богатата симболика на народните обичаи поврзани со празникот Прочка.
Манифестацијата доби дополнителен квалитет со учеството на гости и фолклорни ансамбли од регионот, кои со своите настапи придонесоа за вистинска културна размена и создадоа атмосфера на заедништво и меѓусебна почит.
„Сусурига“ и оваа година ја потврди својата улога како настан, што не само што ја негува традицијата, туку и ја зајакнува локалната заедница, поттикнувајќи ги младите генерации да го продолжат наследството што се пренесува со векови.
Од Општина Крива Паланка упатија благодарност до сите учесници, организатори и посетители кои придонесоа манифестацијата „Сусурига 2026“ да биде успешно реализирана и да остави силен впечаток како празник на културата, единството и радоста.




