Крива Паланка на 21 февруари повторно ќе живее во ритамот на вековната традиција, преку манифестацијата „Сусурига 2026“, која со години го негува автентичниот обичај на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе биде место каде ќе се сретнат генерациите, обединети околу живата традиција што се пренесува од колено на колено. Маскираните поворки, богатите обредни елементи и симболичниот оган ќе создадат силна и впечатлива слика за културниот идентитет на Крива Паланка – препознатлив, достоинствен и жив.
Програмата на манифестацијата започнува во 12:00 часот со дефилето од плоштадот „Карпошово востание“, додека централниот настан ќе се одржи на градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред присутните ќе се претстават бројни фолклорни и обредни групи од земјата и регионот, кои преку традиционални костими, автентични маски, ѕвонци, чанови и обредни игри ќе ја доловат магијата на древните обичаи. Учесници во годинашното издание се: Здружението „Странчинарски игри“ од село Мокриево (Општина Ново Село), „Ратевски Бамурци“ од село Ратево (Општина Берово), суроварската група од село Вискјар (Перник, Бугарија), „Џоломари“ од село Манастирец (Општина Росоман), како и домашните културно-уметнички ансамбли „Карпош“ и „8 Октомври“ од Крива Паланка.
Манифестацијата „Сусурига 2026“ е во организација на Општина Крива Паланка и фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, со цел зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и поттикнување на заедништвото меѓу граѓаните.
„Сусурига“ не е само настан – таа е дух, традиција и заедничко наследство што ги поврзува луѓето и ја чува културната меморија на градот.





