Делегација на Општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Сашко Митовски, оствари дводневна официјална и пријателска посета на збратимениот град Жупања, Република Хрватска, на покана на градоначалникот г-дин Дамир Јузбашиќ.
Повод за посетата беше одржувањето на реномираната културна манифестација „59. Сокачко село“, заедно со покладните празнувања во Жупања, кои претставуваат еден од најзначајните културни настани во регионот и вистински празник на фолклорот, традицијата и народниот дух.
Посебна вредност на манифестацијата е учеството на КУЗ „Карпош“ од Крива Паланка, кое со својот настап ќе ја претстави македонската и кривопаланечката културна традиција, како и најавениот настап на врвниот македонски музички виртуоз Влатко Стефановски, чија уметност ужива голема почит и надвор од националните граници
Во рамки на посетата, делегацијата на Општина Крива Паланка оствари официјален прием во кабинетот на градоначалникот на Жупања, при што беа разменети мислења за унапредување на идната меѓуопштинска соработка, со акцент на културата, туризмот и искористување на заедничките потенцијали и ресурси.
Односите меѓу Крива Паланка и Жупања се долгорочно негувани, искрени и цврсти, темелени на взаемна почит, отворен дијалог и заеднички европски вредности. Личното пријателство и конструктивната соработка меѓу двајцата градоначалници претставуваат силен мост на доверба што ги поврзува двете локални заедници.
За време на престојот, кривопаланечката делегација имаше можност одблизу да се запознае со богатата традиција и автентичниот дух на Жупања, преку подготовката на нивниот препознатлив традиционален доручек, во амбиент што на впечатлив начин ја отсликува локалната култура, историја и гостопримство на домаќините.
Посетата уште еднаш ја потврди заложбата на Општина Крива Паланка за градење и унапредување на пријателствата, затоа што вистинските партнерства се создаваат преку културата, почитта и заедничките визии за иднината.




