НОВОГОДИШЕН БАЗАР
Општина Крива Паланка од 2021 година ја организира предновогодишната културно-забавна манифестација „Новогодишен базар“, која нуди богата дневна програма со музички, сценски и забавни активности за сите генерации. Настапи на познати изведувачи од земјата и странство, детски хорови, млади таленти, кловнови и жонглери ја создаваат единствената празнична атмосфера што ја одликува оваа манифестација.
Посетителите од Крива Паланка и регионот секоја година уживаат во празнично уредениот плоштад, каде се поставени атрактивни дрвени куќички со ракотворби, сувенири, колачиња, греано вино, топол чај и други сезонски производи што ја збогатуваат магијата на настанот.
Од своето започнување, „Новогодишниот базар“ континуирано се развива и станува една од најпосетените и најпозитивно прифатени манифестации во градот. Богатата програма, впечатливото празнично украсување и топлото гостопримство привлекуваат многубројни гости и туриси¬ти, позиционирајќи ја општината како препознатлива зимска дестинација.
Секоја година на бината настапуваат познати македонски естрадни уметници од различни жанрови, создавајќи забава за сите возрасти. Сите активности се одвиваат на централниот градски плоштад, кој за време на манифестацијата добива посебен, магичен сјај.
„Новогодишен базар“ е настан што расте, обединува и инспирира, место каде празничниот дух се чувствува на секој чекор.
БАДНИК И БОЖИЌ
Во Крива Паланка Бадник и Божиќ се прославуваат во духот на вековната христијанска традиција. Празничната атмосфера започнува со бадниковата поворка и песните на најмладите коледарчиња, кои го најавуваат Христовото раѓање.
На централниот плоштад се одржува Бадниковата прослава со молитва и благослов од Кривопаланечкото архиерејско намесништво, кршење на лепче со паричка, избор на кумство, како и делење топла ракија, чај, бадникарски гранчиња и посна закуска. Организатор е Општината со културните институции, а учество земаат и основните и средното училиште.
Секоја година празнувањето е збогатено со манифестацијата “Божиќна поворка“, Божиќни концерти и културни настани. Посебна празнична убавина носат настапите на детскиот хор „Распеано симитче“, а празничната програма е збогатена и со гостувања на познати естрадни уметници од Македонија.
Божиќ, празникот на Христовото раѓање, е темел на сите христијански празници и симбол на почетокот на новата ера, кој Кривопаланчани го одбележуваат со голема љубов, внимание и почит.
БОГОЈАВЛЕНИЕ – ВОДИЦИ И МАНИФЕСТАЦИЈА „ПИВТИЈАДА“
По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, Општина Крива Паланка традиционално ја организира манифестацијата „Пивтијада“, која првпат се одржа во 2010 година. Настанот се случува на 19 јануари, на градскиот плоштад, веднаш по завршување на свечениот чин на фрлање на крстот во водите на Крива Река.
Празничната прослава започнува со свечена литургија во црквата „Св. Димитрија“, по од Шанинот мост (мостот кон населбата „Бавчалк“), се изведува традиционалниот ритуал на фрлање на благословениот крст. По ова следува богатата и посетена манифестација „Пивтијада“, на која се презентираат најдобро подготвените пивтии според старите локални рецепти.
Манифестацијата секоја година е збогатена со традиционална богојавленска трпеза, дегустации и топли пијалоци за сите присутни, а празничната атмосфера ја надополнува културно-забавна програма со настапи на локални уметници, фолклорни групи и гости од македонската музичка сцена.
Водици во Крива Паланка се одбележуваат со големо учество на граѓаните, кои со длабока почит и радост ги следат ритуалите и уживаат во богатата програма што ја слави традицијата, вербата и заедништвото.
НЕВЕСТИНСКО ПОКЛОНЕНИЕ
Традиционална културната манифестација „Невестинско Поклонение“ се одвива во црквата св.Теодор Тирон во село Конопница .
„Невестинско поклонение“ е возобновен и единствен автентичен обичај од кривопаланечкиот крај. Во рамките на ритуалот, младите невести, заедно со своите свекрви и облечени во родокрајни народни носии, се поклонуваат пред светецот Теодор Тирон и примаат благослов за род, пород и семејна слога.
Манифестацијата ги обединува древните послесвадбени обичаи, претставувајќи духовен чин што го зајакнува брачниот и семејниот живот. Невестите кои склопиле брак меѓу двете Тодорици учествуваат во невестинската поворка и добиваат поклоненички марами и брошеви, придружени со благослов од свештениците на МПЦ–ОА.
Овој обичај е живо сведоштво за автентичната традиција, култура и трајните вредности што се пренесуваат од генерација на генерација. Со неговото традиционално одржување, општина Крива Паланка го негува културниот и духовниот идентитет на регионот, придонесувајќи „Невестинско поклонение“ да прерасне во значајна туристичка атракција и препознатлив културен бренд на нашата општина.
Оваа традиционална манифестација, секоја година е пропратена со богата културна програма.
Срдечно ги покануваме сите жители и гости да земат учество и да бидат дел од овој уникатен настан кој ја слави македонската традиција, семејството и духовното наследство.
МАНИФЕСТАЦИЈА „СУСУРИГА“
Манифестацијата „Сусурига“ претставува уникатен културно-традициски настан посветен на празникот „Прочка“, со цел да се оживее згаснатата традиција на маскирање и ритуално палење оган – обичај познат како сусурига, термин што е карактеристичен и единствен за Крива Паланка.
Во 2024 година, Општина Крива Паланка по прв пат ја возобнови оваа автентична манифестација, оддавајќи почит на богатото културно наследство и на стариот кривопаланечки обичај што се практикувал скоро во секое семејство и бил „жив“ до 50-тите и 60-тите години на минатиот век, но со текот на времето речиси исчезнал.
Манифестацијата традиционално започнува со дефиле под маски, по што следува избор на најдобра групна (или маалска) маска. Програмата е збогатена со атрактивно огнено шоу, претставување на архаични маски од различни групи од државата и соседството, како и симболично и ритуално палење на огнот – сусурига. Настанот продолжува со заедничка дружба и музичко-забавна програма, како и со демонстрација на обичајот „амкање“ со варено јајце, кога постар член на семејството врзувал јајце на конец, а децата се обидувале да го дофатат со уста.
Манифестацијата завршува со меѓусебно „проштевање“ – барање „прочка“ од најблиските и пријателите, во духот на христијанската традиција што се негува за време на празникот „Прочка“.
МЕЃУНАРОДЕН КОНКУРС ЗА КАРИКАТУРА „НЕВЕСТИНСКО ПОКЛОНЕНИЕ“
Меѓународниот конкурс за карикатура „Невестинско Поклонение“ е аторски проект на хералдичарот Стојанче Величковски, што се реализира преку РЗР„Патник“ и во соработка со општина Крива Паланка.
Првиот Конкурс е реалииран во рамките на манифестацијата “Крива Паланка – Град на Културата – 2013“ и воедно, како таков е единствениот во светот кој директно е поврзан со „жива манифестација“ која го негува нематеријалното културно наследство со акцент на односите во семејствот,о особено на односот снаа-свекрва. И токму затоа, конкурс за карикатура „Невестинско Поклонение“ привлекува огромен интерес кај карикатуристите во светот, кои досега твореле на темите „Односот снаата – свекрвата“ „Мажот како колатерална штета во односот сваа-свекрва“ „Бракот пред и потоа“ “Свадвените обичаи во светот“ итн…
Конкурсот е дел од годишната програма културна програма на Општина Крива Паланка и е функција на промоција на нематеријалното културното наследство на кривопаланечко и културната манифестација “Невестинско Поклонение”.
На конкурсот се доделува трофејот „Невестулка“, специјална Плакета за најдобра колекција, како и медали и признанијата на наградените автори.
Манифестацијата преставува значаен културен афирматор на Република Северна Македонија на глобално ниво, а на Меѓународниот конкурс земале учество реномирани автори од повеќе од стотина земји во светот од сите континенти.
ПРВОАПРИЛСКО ДЕФИЛЕ
Денот на шегата – 1-ви април, во Крива Паланка традиционално се одбележува секоја година со разиграното „Првоаприлско дефиле под маски“.
Стотици дечиња од детската градинка и основните училишта во градот секоја година дефилираат низ главната улица и централниот градски плоштад, претставувајќи ги своите оригинални маски и костими изработени според омилените ликови од цртаните филмови.
Како дел од оваа традиционална манифестација, Општина Крива Паланка организира богата културно-забавна програма со кловнови, жонглери, музика, настап на хорот „Златно славејче“, како и многу игра и смеа за сите учесници. Настанот се реализира во соработка со основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ и детската градинка „Детелинка“
МАНИФЕСТАЦИЈА „ВЕЛИГДЕНСКА ТРАДИЦИЈА“
Празничната манифестација „Велигденска традиција“ традиционално се одржува на втор ден Велигден и претставува убав настан посветен на зачувување и негување на велигденските обичаи и традиции. Организатор на манифестацијата е ЛУ Градски музеј – Крива Паланка, во соработка со Општина Крива Паланка.
Овој празничен собир секоја година се одвива во весела и срцезагреваат атмосфера, преку која се слави победата на животот над смртта. Преку креативните работилници, најмладите учат за велигденските традиции, учејќи се да ги почитуваат и да се радуваат на празникот.
Во рамки на „Велигденска традиција“ се организираат избори за најубаво украсено велигденско јајце, најубава рачно изработена декорација со велигденски мотиви, како и натпревар за најцврсто велигденско јајце. Во активностите секоја година учествуваат ученици од основните училишта, децата од градинката „Детелинка“, како и голем број граѓани од сите возрасти.
Традиционално, манифестацијата се одржува во дворот на Градскиот музеј, каде се поставуваат штандови со рачно изработени велигденски декорации и богата велигденска трпеза со специјалитети од кривопаланечкиот крај.
За првпат во 2025 година, манифестацијата беше одржана во дворот на старото училиште во с. Градец, со што се даде нов дух на настанот и се овозможи поголемо вклучување на жителите од руралните средини.
Во програмата се вклучени и бројни забавни активности, како што се:
• барање на скриени јајца,
• носење јајце во лажица,
• кршење јајца и
• избор на најцврсто велигденско јајце.
Манифестацијата завршува со доделување награди и признанија, делење велигденски јајца и богата музичка програма што ја збогатува празничната атмосфера.
ДЕН НА ЕВРОПА – ДЕН НА ПОБЕДАТА
Со низа свечености, музички и ликовни перформанси, Општина Крива Паланка го одбележува 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, дата која претставува симбол на мирот, слободата и заедништвото на европските народи.
Централната прослава на „Денот на Европа“ традиционално се одржува на градскиот плоштад, каде Општината организира богат културно-образовен хепенинг. Целта е достоинствено одбележување на европските вредности единство, солидарност, заемно почитување, демократија и заедничка европска иднина.
Манифестацијата се реализира преку повеќе сегменти и активности. На плоштадот се поставуваат тематски штандови со информативни материјали поврзани со Европската Унија, европските политики и можностите за младите. Се организираат интерактивни работилници посветени на европските вредности, култура и традиција, како и ликовен хепенинг, на кој учениците преку боја и креативност ги претставуваат своите визии за Европа.
Свој придонес даваат и учениците и наставниците од основните и средните училишта, преку активности во рамки на образовните институции тематски часови, изложби, квизови и презентации. Во програмата учествуваат и младинските центри, локалните уметници и Europe Houses Крива Паланка, кои подготвуваат содржини со едукативен и забавен карактер.
Прославата е збогатена и со музичка програма, во која настапуваат локални музички таленти, детски хорови и културно-уметнички дружини, создавајќи свечена, инспиративна атмосфера во духот на „Европа за сите“.
Со одбележувањето на 9 Мај, Општина Крива Паланка ја пренесува пораката за значењето на мирот, слободата и европските вредности, потсетувајќи на историската победа над фашизмот и на потребата од градење подобра, обединета иднина за сите граѓани.
СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ – ДЕН НА ПРОСВЕТАТА И КУЛТУРАТА
Манифестацијата „Ден на просветните работници„ се организира веќе неколку годиди наназад на 24 мај, Денот на сесловенскикте просветители Кирил и Методиј. На манифестацијата и претходи избор на „Најдобар просветен работник во градот“ предложен од колегите и учениците од двете основни и средното училиште во градот и „најдобар ученик “ поединечно од ООУ Илинден, ООУ Јоаким Крчовски и СОУ Ѓорче Петров. На свечената академија организирана од просветните работници од споменатите училишта се доделуваат плакети за најдобрите во двете категории.
ДЕТСКИ ФЕСТИВАЛ „РАСПЕАНО СИМИТЧЕ“
„Распеано симетче“ е најновиот фестивал со модерен аранжман на детски песни што ја гради музичката култура кај најмладите во Крива Паланка. Целта на фестивалот е популаризација на детската песна и културата со учество на локални и регионални автори и квалитетна музичка продукција.
Фестивалот го организира Центарот за аудиовизуелни уметности, со покровителство и финансиска поддршка на Општина Крива Паланка и Министерството за култура.
Преку реализација на овој детски музички фестивал, Општина Крива Паланка ја поддржува локалната музичка продукција, локалните музички автори, композитори, аранжери и текстописци, сниматели и младите изведувачи. А тоа е она што го прави единствен и вреден овој фестивал, кој е бренд во музичката продукција за млади таленти.
ТРАДИЦИОНАЛНА МЕЃУНАРОДНА ТРИЛАТЕРАЛНА ПОГРАНИЧНА СРЕДБА „КРАИШТЕ“
Традиционалната меѓународна трилатерална погранична средба „Краиште“ секоја година се одржува на 12 јули, за време на големиот христијански празник Петровден.
Манифестацијата се реализира на добро познатата локација во месноста Голеш, село Голеш, на тромеѓето помеѓу Република Северна Македонија, Република Бугарија и Република Србија.
Организатори на овој долгогодишен настан се трите погранични општини: Ќустендил, Крива Паланка и Босилеград.
На „Краиште“ традиционално се организира богата културно-уметничка програма, која го слави заедништвото, пријателството и културните врски меѓу народите. Македонци, Бугари и Срби од трите страни на границата заеднички го прославуваат Петровден.
За потребите на манифестацијата, граничниот премин Краиште ќе биде отворен, а граѓаните ќе можат непречено да ја преминуваат границата со важечки лични или патни исправи.
Настанот е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2025“ и продолжува да ја негувa традицијата на трилатерално пријателство и културна соработка.
КРИВОПАЛАНЕЧКО КУЛТУРНО ЛЕТО
Општина Крива Паланка секоја година организира Кривопаланечко културно лето, нудејќи богата и разновидна културна програма со бројни настани наменети за посетители од сите генерации.
Програмата секогаш опфаќа широк спектар активности концерти, изложби, литературни и уметнички содржини, џез и поп-рок музика, фолклор, фестивали на традиционална храна, креативни работилници и атрактивна детска програма.
На манифестацијата учествуваат голем број уметници, културни работници и изведувачи од градот, регионот и пошироко, придонесувајќи за нејзината препознатливост и за развојот на културниот туризам во општината.
„Кривопаланечкото културно лето“ го одразува богатото културно наследство на Крива Паланка и претставува значаен настан што секоја година привлекува бројни посетители, љубители на културата, уметноста и традицијата.
„ЏОЈ ФЕСТ“ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ
„Џојфест“ е музичка манифестација која се реализираше во рамките на „Кривопаланечкото културно лето“. Во изминатите години фестивалот се одржуваше со учество на повеќе изведувачи кои придонесуваат за препознатливата фестивалска енергија.
Фестивалот се реализираше со поддршка од Општина Крива Паланка и соработката со културни институции и партнери, како дел од напорите за развој и промоција на културните настани во заедницата.
Меѓународен фолклорен фестивалМЕЃУНАРОДЕН ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ „СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“
Интернационалниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ се одржува во Крива Паланка на 25, 26 и 27 август. Организацијата на фестивалот, кој вклучува дефиле на учесниците и програма на отворено, е во надлежност на Општината и Центарот за култура од Крива Паланка.
Во претходните изданија на фестивалот имаше учесници од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Турција, Босна и Херцеговина, Кипар, Романија со тенденција да се зголеми бројот на надворешните учесници во наредните изданија.
Ликовна колонијаЛИКОВНА КОЛОНИЈА „СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“
Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“ е една од најстарите и најафирмираните ликовни работилници во земјава и регионот, чиј почеток беше означен како возобновување на осум века старата традиција на манастирот како културен, едукативен и духовен центар. Од 1993 година колонијата се здоби со интернационален статус со што се овозможи пулсирање на различни култури и традиции, на различни уметнички пристапи и стилски ракописи.
Оваа колонија е единствена од повеќе аспекти и има огромен имапкт, како во развојот на ликовната култура и творештво, така и има амбасадорска улога. Низ неа продефилирале голем број истакнати уметници од кои значаен дел активно се вклучиле во афирмација на Македонија во своите земји.
Ликовната колонија низ повеќе децениското постоење се осведочи со своите естетски и вредносни резултати и одамна е присутна на светската мапа на сликарството, а денес претставува вистинска ликовна ризница, со постојана поставка на уметнички дела во манастирската галерија.
Многубројните автори својата инспирација ја пронаоѓаат во духовноста и амбиенталниот простор на 10-вековното Осоговски светилиште, каде доаѓа до креативна конфронтација на различните култури, што пак резултира со различни стилски ликовни ракописи и оригинални дела.
Ликовната колонија се одржува под патронат на МПЦ и со поддршка на Општина Крива Паланка и Министерството за култура, секоја година во периодот на јуни/јули.
МЕЃУНАРОДЕН ДЕТСКИ ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ
Меѓународниот фолклорен фестивал за деца „Паленечка тројка“ претставува една од најзначајните и најдраги детски фолклорни манифестации, симбол на пријателство, креативност и културна разноликост. Како еден од најубавите „украси“ во културната разгледница на Крива Паланка, фестивалот веќе традиционално ги обединува децата од земјата и странство, создавајќи мостови на соработка, разбирање и взаемно почитување.
Целта на фестивалот е, преку песна, игра и дружење, да ги поврзе децата од различни националности, вероисповеди и култури, поттикнувајќи ја љубовта кон фолклорот и традицијата кај најмладите. На овој начин се создаваат генерации кои ќе продолжат да ги негуваат, зачувуваат и пренесуваат вековните вредности, обичаи и богатото културно наследство на нашиот народ.
На фестивалот учество земаат детски фолклорни групи од земјата и од странство, на возраст од 9 до 14 години. „Паленечка тројка“ претставува вистинска ревија на фолклор, традиција и детска енергија, на која настапуваат повеќе од 400 млади играорки и играорци од различни региони и градови. Имаме можност да проследиме детски ансамбли, традиционални носии, оригинални кореографии и автентични изведби кои го претставуваат богатството на македонскиот и балканскиот фолклор. Со тоа, фестивалот станува не само сцена за културна размена, туку и вистински празник на младоста, талентот и традицијата.
„Паленечка тројка“ е составен дел од Кривопаланечкото културно лето и рамките на програмата „Крива Паланка – Град на културата“, со што го зајакнува културниот имиџ на градот и неговата позиција како центар на фолклорно и уметничко творештво.
„ОСОГОВСКА СТАРОГРАДСКА ВЕЧЕР“
Манифестацијата „Осоговска староградска вечер“ претставува фестивал на староградски песни и серенади, кој им овозможува на посетителите да уживаат во богатството на староградската музика и да се доближат до културата што длабокo го одбележала градското живеење во паланечкиот крај. Настанот создава атмосфера исполнета со носталгија, емоција и дух на стариот град, претставувајќи ја музичката традиција како жив дел од културниот идентитет на Крива Паланка.
Оваа музичка манифестација е посветена на зачувување, негувaње и промовирање на староградската песна, преку учество на староградски друштва, ансамбли и хорови од земјата и од соседните држави. Посебен акцент е ставен на емоционалната врска на кривопаланечката средина со овој жанр, која денес е повторно оживеана преку возобновениот староградски хор „Распеани Кривопаланчани“, симбол на континуитетот и љубовта кон староградското творештво.
На фестивалската сцена настапуваат староградски хорови, вокални состави и музички групи со интерпретации на автентични песни од различни региони на Македонија и поширокиот балкански простор. Изведбите се инспирирани од историски настани, личности и емотивни приказни поврзани со градскиот живот, љубовта, времето и народната култура, нудејќи богато музичко искуство и директен допир со едно минато исполнето со шарм и стил.
„Осоговска староградска вечер“ претставува културен настан со висока вредност, кој, преку музика и традиција, го афирмира духот на градското наследство и ја зацврстува улогата на Крива Паланка како значајно жариште на староградската песна во регионот.
МЕЃУНАРОДЕН ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ „СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“
Во срцето на Крива Паланка, град со богато културно и духовно наследство, град на природни убавини и урбана естетика која ги допира сите сетила, пулсира еден од најзначајните и најреноминираните театарски настани Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“.
Основан со визија да ја оживее и да ја спои локалната автентичност со балканската и европската театарска енергија, оваа културна манифестација, уште од своето прво издание во далечната 2009 година, го помина прагот на анонимноста и стана препознатлив бренд и празник на славење на театрот меѓу блиските народи.Фестивалот со годините, прерасна во вистинска сцена на современи драмски идеи, силни актерски интерпретации и културни средби кои оставаат длабок траг.
На фестивалската сцена поминале над стотина театарски групи и ансамбли, носејќи приказни од различни култури, поетики и режиски пристапи. А посебно место му припаѓа на престижната фестивалска награда „Лауреат“ признание кое се доделува на истакнати актери, театарски уметници и творци кои со својот опус ја збогатиле македонската и регионалната театарска сцена.
Фестивалот не е само културен настан тој е празник на уметноста, средба на генерации, отворена сцена каде што публиката и актерите дишат во ист ритам. Тој е доказ дека и малите градови раѓаат големи културни приказни.
Преку долгогодишното постоење, фестивалот остварува значителен културен капитал создава традиција, унапредува театарската публика, го поврзува Крива Паланка со пошироки театарски средини, и потенцијално поттикнува и локален развој (инфраструктура, туризам, културна реномираност).
Востановен термин на одржување на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ е во периодот од 29. септември до 06. октомври.
МАНИФЕСТАЦИЈА „ШОПСКА СОФРА“
Манифестацијата „Шопска Софра“ претставува традиционален гастрономски настан што континуирано се одржува секоја година во рамките на одбележувањето на 8 Октомври – Денот на градот Крива Паланка. Овој настан го слави богатството на автентичните рецепти и вкусови од кривопаланечкиот крај, внимателно приготвени од вредните и искусни домаќинки на нашето поднебје.
Настанот се одвива во пријатна празнична атмосфера, со богата презентација и дегустација на традиционални солени и слатки специјалитети. Софрата секогаш наликува на вистинско гастрономско богатство – рецепти што се пренесуваат од генерација на генерација и сведочат за длабоко вкоренетото кулинарско наследство на регионот.
„Шопска Софра“ не е само гастрономски настан, туку симбол на семејството, заедништвото и топлината на домот. Во време кога глобалните трендови го менуваат нашето секојдневие, ваквите манифестации претставуваат силен потсетник за значењето на зачувувањето на автентичната култура, вкус и традиција.
Преку континуираното организирање на „Шопска Софра“, Општина Крива Паланка настојува да го зачува и промовира богатото традиционално наследство, како и да создаде можности за развој преку поддршка на локалната храна, гастрономскиот и руралниот туризам, малите производители и угостителскиот сектор.
Трпезата исполнета со љубов, почит и топлина ја раскажува приказната за нашите вкусови, вкусови што секој гостин ги памети и со восхит ги пренесува. Традиционалните јадења и органските производи карактеристични за кривопаланечкото поднебје се одлика на регионот и значаен потенцијал за развој на гастрономски туризам.
Општина Крива Паланка ја реализира манифестацијата „Шопска Софра“ негуваjќи го духовното, културното и гастрономското богатство што го прави овој крај единствен.






















