Во духот на вековната православна традиција и со силна порака на вера и заедништво, Крива Паланка достоинствено и масовно го одбележа големиот христијански празник Богојавление – Водици. Празникот, кој симболизира осветување на водите и Христовото крштевање во реката Јордан, и годинава ги обедини граѓаните околу духовните вредности, традицијата и заедничката радост.
Централниот настан се одржа на водите на Крива Река, каде по осветувањето на реката беше фрлен Светиот Крст, а меѓу верниците кои храбро влегоа во ладните води беше и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски. Со своето директно учество во ритуалот, градоначалникот испрати силна и јасна порака за лична посветеност, почит кон православните обичаи и сплотеност со граѓаните.
„Водици нè учи на чистота на мислите, на вера во доброто и на силата што ја добиваме кога сме сплотени“, истакна градоначалникот Митовски, изразувајќи благодарност до сите учесници и присутни кои беа дел од овој свет и значаен момент за локалната заедница.
Среќата да го извади Светиот Крст му припадна на Наум Додевски, кому Општина Крива Паланка му упатува искрени честитки со желби за здравје, среќа, бериќет и благослов, кој, според верувањето, треба да се прелее во секој дом.
По верскиот чин, празничната атмосфера продолжи на градскиот плоштад, кој се исполни со радост, дружење и топлина. Илјадници граѓани заеднички ја споделија празничната трпеза, уживајќи во традиционалната „Пивтијада 2026“, топли пивтии, греано вино и ракија, симболично потврдувајќи дека Водици во Крива Паланка се чувствуваат со срце.
Празничниот ден беше збогатен и со музички настап на Ленче Кукиќ, кој дополнително придонесе за веселата и достоинствена атмосфера, а македонското оро, насмевките и споделената радост уште еднаш покажаа колку заедништвото е длабоко вкоренето во духот на градот.
Општина Крива Паланка ја поздравува храброста на сите учесници во овој свет чин и упатува голема благодарност до сите кои учествуваа во организацијата и реализацијата на настанот со кој истиот, преку кој се истакнаа вредностите на сплотеност, традиција и почит кон духовното наследство.
Нека светите води донесат здравје, мир и благосостојба во секој дом.
Нека е за многу години празникот Богојавление – Водици.
Да ни е вечна и благословена Крива Паланка.




