Со радост и во празничен дух, Општина Крива Паланка ги поканува сите граѓани и посетители заеднички да го одбележат големиот христијански празник Богојавление – Водици, кој традиционално се празнува на 19 јануари.
Општина Крива Паланка интензивно се подготвува за одбележување на овој значаен празник, со цел создавање достоинствена и свечена програма што ќе го истакне значењето на традицијата, духовните вредности и заедништвото.
Празничните активности ќе се одржат на 19 јануари 2026 година (понеделник). Во рамки на програмата ќе биде извршено осветување на водите на реката Крива Река, како централен настан поврзан со празникот Богојавление – Водици.
За среќниот извлекувач на Светиот крст од водите на Крива Река ќе следува пригоден подарок, како знак на внимание и почит кон вековната традиција.
Во рамки на празничната програма, за сите граѓани ќе биде организирана богата богојавленска трпеза на градскиот плоштад, во рамки на традиционалната манифестација „Пивтијада 2026“. Посетителите ќе имаат можност да ја вкусат традиционалната пивтија, подготвена од вештите локални кулинарски мајстори. За оваа пригода ќе бидат подготвени над 4.000 порции пивтии, како и греано вино и други топли напитоци, со што ќе се збогати празничната атмосфера и ќе се овозможи пријатно уживање за сите присутни.
Празничната атмосфера дополнително ќе биде збогатена со богата културно-уметничка програма, со настап на Ленче Кукиќ и нејзиниот бенд, која ќе придонесе за пријатно и незаборавно празнично доживување.
Организацијата на настанот се реализира во соработка со Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, со заедничка цел достојно да се одбележи празникот и да се создаде топла и пријателска атмосфера за сите граѓани и гости.
По повод претстојниот празник, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека ваквите празници се можност да се негуваат и зајакнуваат заедништвото и традицијата. Тој нагласи дека Крива Паланка е отворен и гостопримлив град за сите посетители, а празничната атмосфера ќе биде збогатена со културно-уметничка програма во духот на заедништвото и почитта кон традиционалните вредности.
Општина Крива Паланка ги повикува сите граѓани и посетители да бидат дел од заедничката прослава на Богојавление – Водици и манифестацијата „Пивтијада 2026“, преку која се негуваат традицијата, културното наследство и духот на заедништвото во Крива Паланка.





