Општина Крива Паланка е вклучена во Програмата City Climate Gap Fund, имплементирана од Светска банка и Европската инвестициска банка, во партнерство со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), со цел унапредување на управувањето со ризиците од поплави и зголемување на безбедноста на граѓаните и инфраструктурата во услови на климатски промени.
Во рамки на програмата, заедно со Општина Куманово, се реализираат активности за подготовка на стручна основа за управување со поплави во сливовите на реките Кумановска и Крива Река. Преку ангажман на експертски тимови, општините добиваат поддршка за анализа на постојните состојби, идентификување на најзагрозените подрачја и планирање на идни, одржливи решенија.
За Општина Крива Паланка е предвидена изработка на Ситуациска анализа и концептуална проценка на ризикот од поплави, што ќе овозможи поефикасно планирање на мерки за заштита, подобро управување со ризиците и создавање солидна основа за идни инвестиции во оваа област.
Паралелно со аналитичките активности, значителен фокус е ставен и на јакнење на капацитетите на општинската администрација, преку стручни обуки за анализа, моделирање и предвидување на поплави. Со тоа, општината ќе располага со обучен кадар кој ќе може активно да учествува во идното планирање и донесување одлуки во интерес на граѓаните.
На настанот се обратија и г-дин Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициска банка, како и г-га Сузан Кемпф претставник на ГИЗ, кои ја нагласија поддршката за Општина Крива Паланка и значењето на пре-физибилити студијата и Ситуациската анализа за Крива Река како клучен чекор кон долгорочна заштита од поплави.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски истакна дека проектот има долгорочно значење за општината: „Со оваа програма правиме значаен чекор напред во заштитата на нашите граѓани и инфраструктурата од ризиците од поплави. За Општина Крива Паланка ова не е само анализа, туку вложување во знаење, капацитети и долгорочни решенија. Преку поддршката од Светска банка, Европската инвестициска банка и ГИЗ, добиваме стручна основа врз која ќе можеме да планираме конкретни мерки и идни инвестиции, со цел да бидеме подобро подготвени за предизвиците од климатските промени.“
Активностите во рамки на проектот се во тек и се реализираат согласно утврдената динамика, со планирано финализирање до почетокот на 2026 година.




