На свечена академија прогласени најдобрите просветни работници и ученици oд Крива Паланка во учебната 2024/25

На свечено академија во чест на 24 мај – денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, како и во чест на Свети Јоаким Крчовски, достоинствено и свечено, Општина Крива Паланка ги прогласи најуспешните и најдобрите просветни работници и ученици на генерација за учебната 2024/25 од воспитно-образовните институции во општината.

За најдобар просветен работник во предметна настава беше прогласен професорот по спорт и спортски активности во СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, Ведран Белешковски, кој пет години во низа со женскиот кошаркарски училишен тим освојува државни првенства, медали од Европски средношколски првенства и достојно ги претставуваат гимназијата и градот на светски гимназиски натпреварувања.

Признание за најдобар просветен работник во одделенска настава доби Јасминка Станковска од ООУ „Илинден“, која со своето мото „Учете ги децата да ги прифаќаат различностите и ќе стекнат самодоверба, преку  иновативен пристап во работата, работи на едукација и развој на младите генерации.

За ученици на генерација беа прогласени: Горјан Николовски од ООУ „Св. Јоаким Крчовски“, Марија Ивановска, ООУ „Илинден“ и Ева Симонова, СОУ „Ѓорче Петров“.

Признанијата ги врачи градоначалникот на Општина Паланка,Сашко Митовски, кој порача дека денес се поклонуваме пред силата на словото, како најголемо оружје на едно општество.

-Просветителите, светите браќа Кирил и Методиј и просветителот Свети Јоаким Крчовски, не оставија само букви, туку ни даруваа пат кон знаењето, верата и културата. Нивната мисија не заврши со создавањето на азбуката, туку продолжи да живее низ сите векови преку делото на нивните ученици и мисионери меѓу кои и духовникот и преродбеник – нашиот Свети Јоаким Крчовски. Нашиот народ е народ на зборот. Нашата историја е историја на знаењето. Нашите корени се длабоко впишани во азбуката на светите Кирил и Методиј. Но, таа азбука е само почеток. Почеток на еден бескраен процес на учење, на растење, на созревање на еден народ. Како што кажал Св. Кирил: „Словото не е само буквите што ги пишуваме, туку е живо и постојано движење на духот.“ Тој дух и денес живее во секоја училница, во секој клас, во секој просветен работник што го посветува своето срце за да создаде нешто поголемо од себе. Просветителството не е само слава од минатото – тоа е жива искра, обврска и повик. Во време на брзи промени и иновации, образованието останува најсилниот одговор на сите предизвици. Јазикот, писмото  и знаењето не се дадени – тие се трајна основа што ние треба да ја негуваме, чуваме и пренесуваме, како што вие ценети  просветни работници, го осветлувате патот на нашите деца. Вашиот труд не се мери во часови работа, туку со срцето и духот  што го вложувате. Вие сте тивки херои на нашето време, рече во обраќањето Митовски.

Според него, во време на недоверба, наставниците се симбол на верба, нивната  професија е мислење, чувство, трпение и љубов за градење личности и испишување  човечки судбини.

За културно-забавната програма на академијата беше задолжен „Тра-ла-ла“ оркестарот кој приреди одлична музичка забава со најпопуларните македонски евергрини.

Големина на фонт
Контраст