
Сашко Митовски е роден на 14 мај 1987 година во Крива Паланка, каде што го завршил своето основно и средно образование. Високото образование го стекнал на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје (УТМС), на Економскиот факултет, каде што дипломирал во 2018 година во областа на економијата.
Тој има 38 години, оженет е и е татко на три малолетни деца.
Уште од најрана возраст, Митовски покажува изразен афинитет кон организацијата, креативноста и општествената активност. Како средношколец бил претседател на училишната заедница при СОУ „Ѓорче Петров“ и организатор на бројни културни, спортски и младински настани кои оставиле препознатлива трага во градот. Еден од поистакнатите настани од тој период е првата организирана општинска лига во мал фудбал – проект кој тогаш го обедини младинскиот спортски дух во Крива Паланка.
Во периодот 2004–2006 година, Митовски е претседател на невладината организација Регионален центар за развој, преку која реализира повеќе проекти насочени кон подобрување на локалната заедница и поттикнување на младинскиот активизам.
Со изразен претприемачки дух, веднаш по завршувањето на средното образование започнува приватен бизнис, отворајќи бутик за машка гардероба и печатница за рекламен и промотивен материјал. Во 2010 година станува сопственик на Национален ресторан „Воденица 3“, а во 2014 година го основа и Select Caffe – два угостителски објекти кои стануваат препознатливи симболи на градот и регионот. Во периодот 2016–2018 година го менаџира и Пица бар Select.
По активното вклучување во политичкиот живот, целокупното раководење со семејниот бизнис е пренесено на неговото најблиско семејство, односно на неговиот брат, со што Митовски се посветува целосно на јавната и општествената дејност.
Политичка кариера
Сашко Митовски има богато и континуирано политичко искуство во рамките на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, започнувајќи од младинските структури и израснувајќи во истакнат политички и организациски лидер.
• 2008 година – член на Централниот одбор на Социјалдемократската младина на Македонија
• 2013–2017 – член на Извршниот одбор на ОО СДСМ Крива Паланка
• 2016 година – еден од иницијаторите и организаторите на „Шарената револуција“ во Крива Паланка
• 2017 година – шеф на изборниот штаб за локалните избори
• 2017–2021 – член на Извршниот одбор и секретар на Општинската организација на СДСМ Крива Паланка
• 2020 година – шеф на изборниот штаб за парламентарните избори
• 2021 година – член на Централниот одбор на СДСМ
• 2024 година – шеф на изборниот штаб за парламентарните избори
• 2025 година – претседател на Општинската организација на СДСМ Крива Паланка
• 2025 година – шеф на изборниот штаб за локалните избори
Јавна функција и лидерство
Во 2021 година, Сашко Митовски ја добива довербата на граѓаните и е избран за градоначалник на Општина Крива Паланка. Во својот прв мандат (2021–2025) реализира голем број инфраструктурни, комунални, урбанистички и општествени проекти, насочени кон создавање модерен, уреден и европски град.
Во 2025 година, со огромна поддршка од граѓаните, повторно е реизбран за градоначалник, започнувајќи го својот втор мандат.
Во периодот 2021–2025 година, Митовски е член на Управниот одбор на ЗЕЛС (Заедница на единиците на локалната самоуправа), каде што активно придонесува во процесите за унапредување на децентрализацијата и развојот на локалното управување.
Сашко Митовски е препознатлив по својата енергичност, транспарентност, директен пристап кон граѓаните и јасната визија за Крива Паланка – како град на современ развој, достоинствен живот и европска иднина.
ул. Св.Јоаким Осоговски бр.175
Крива Паланка
Тел./факс: 031-375-035
е-маил: gradonacalnik@krivapalanka.gov.mk
Линк до Facebook страна: https://www.facebook.com/saskomitovskigradonacalnik/
Линк до Instagram профил: https://www.instagram.com/sasko.mitovski/




