Потпишани договори за сертифицирање на негуватели за пружање помош и нега во домашни услови на стари и изнемоштени лица

Во големата сала на Општина Крива Паланка вчера беа потпишани договори со 20 негуватели кои ќе бидат стручно обучени за пружање помош и нега во домашни услови на стари и изнемоштени лица.

Овој настан е дел од проектот „Одговорни институции- среќни граѓани” кој Општина Крива Паланка и Црвен крст го имплементираат со финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија.

Обуката на негуватели ќе се одвива во наредните 2-3 месеци со вкупно предвидени 250 часа образовна настава за возрасни, реализирани низ 3 модули, а по завршување на обуката, негувателите ќе се здобијат со државен сертификат за помош и нега на стари лица во домашни услови.

Преку реализација на овој проект, Општина Крива Паланка прераснува во прв обучен центар за возрасни и пружање на сервисни услуги на стари и изнемоштени лица во домашни услови. Големо е задоволството што со реализација на овој проект отвораме нови можности за грижа и помош на старите лица, а во насока на подобрување на квалитетот на животот на овие ранливи групи, изјави Градоначалникот Борјанчо Мицевски.

Услугите кои ќе ги испорачуваат идните сертифицирани негуватели предвидуваат помош при извршување на основните активности како што се лична хигиена, облекување, хранење, мобилност во домот и слично, но и набавка на продукти, чистење, перење, поправки, земање на лекарска терапија, преку асертивен пристап со хуманост, љубезност, љубов и разбирање на состојбата и потребите на оваа ранлива група.

 

Font size
Contrast