The project "Media literacy for a critical youth attitude" has been completed

Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка ги заврши активностите од проектот „Медиумско описменување за критичен младински став“, кој беше реализиран во изминатите 8 месеци.

Во проектот беа опфатени 80 ученици од 9-то одделение од општинските основни училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ од Крива Паланка, „Х.Т.Карпош“ од Ранковце и „Кочо Рацин“ од Кратово. Беа спроведени повеќе проектни активности за формирање на критичко мислење кај младите, препознавање на лажни вести, заштита од интернет злоупотреби и креирање на медиумски пораки.

– Основците ги зајакнуваа медиумските вештини преку интерактивни и креативни работилници, со практични методи за препознавање и селекција на информациите што стигнуваат до нив, нивно разбирање и градење на критичен став. Истовремено, беа едуцирани како да бидат сигурни и безбедни на интернет, како да се заштитат од интернет злоупотреби, но и да ги почитуваат правилата за  добро однесување во интернет комуникацијата, со покажување на инклузивност и емпатија, беше истакнато на завршната online прес конференција на Центарот за аудиовизуелни уметности.

Според резултатите од спроведените анкети, основците ја подобриле медиумската писменост за 29%, а знаењето за сигурност и безбедност на интернет за 71,75%.

Во рамките на проектот изработени  се и дистрибуирани 15 едукативни прилози и 10 видео пораки за медиумската и дигитална писменост.

-Поради корона вирусот и затворањето на училиштата некои активности беа преобразени, пред се, планираните младински акции за медиумска писменост.  Тие беа прилагодени на online дебати за предизвиците, што беа наметнати од здравствената криза, односно на дигиталното образование и јавниот настап и јакнењето на самодовербата кај младите при online комуникацијата, посочи проект координаторот Жаклина Цветковска.

Проектот беше спроведен во соработка  со медиумскиот партнер aberdzija.com, во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, што го реализираат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Центарот за евроски стратегии „ЕВРОТИНК“, финансиран од Европската унија.

Font size
Contrast