Градоначалникот Мицевски учествуваше на меѓународна конференција за одржлива енергетска транзиција

Градоначалникот Борјанчо Мицевски во периодот од 23 до 24  јануари учествуваше на меѓународна конференција за одржлива енергетска транзиција во Централна и Источна Европа  (ЦИЕ) „Партнерство за ново енергетско лидерство“,  која се одржа  во Тарту, Естонија.

Главна тема на конференцијата беше одржливиот енергетски развој во ЦИЕ регионот и идните чекорите кои треба да се превземат  во насока на одржливоста, со оглед на тоа што регионот заостанува во исполнувањето на целите на ЕУ за енергетска ефикасност како и во имплементацијата на Енергетската унија.  

Североисточниот плански регион е дел од голем европски проект за енергетскo лидерство, кој предвидува изработка на стратегија за искористување на енергетскиот потенцијал и обновливите извори на енергија. Целта на проектот е да се изработи енергетски профил за североисточниот плански регион како и  мапа за правците на енергетската транзиција од јаглеродните горива кон обновливите извори на енергија во самиот регион до 2050 година. Проектот предвидува изработка на  акциони планови за засегнатите страни во регионот, кои имаат клучна улога во делот на креирањето на енергетските политики и во делот на нивна имплементација.