Тековни активности за изградба и одржување на комунална инфраструктура

Општина Крива Паланка преку Одделението за изградба и одржување на комунална инфраструктура деновиве интензивно работи на повеќе локации во градот и селските населби на различни градежни активности.

Продолжува интензивно реализацијата на проектот за  замена на азбестно цементните цевки каде во моментот во тек се активности на дел од улица „8-ми Октомври“. На истата улица се врши и санација на руиниран стар потпорен ѕид, а во наредниот период се планира и поставување на нов слој на асфалтен коловоз на дел од улицата.

Санација на потпорни ѕидови се вршеше и на улиците  „Ристена Гогова“, „Калин Камен“ и „Јане Јакимовски“.

Во тек се и активности за крпење на ударни дупки и санација на делови од улици во градското подрачје, активност која во наредниот период ќе се интензивира, па се молат граѓаните на локациите каде се работи да бидат претпазливи и да имаат разбирање за отежнатото одвивање на сообраќајот.

Во изминатиов период, особено после поројните дождови што ја зафатија општината,  се работеше доста на санација и тековно одржување на локалната патна мрежа.  Беа санирани и тампонирани земјани патишта во атарот на с. Мождивњак (м.Серафимовци), с. Т‘лминци каде покрај санација на патот се постави и нова водоводна линија од 500 м, с. Кошари, с. Варовиште, с. Костур и на други локации зависно од потребите на локалното население.