Во Крива Паланка именувана улица по бранителот Горан Илиевски

На  23-та седница на Советот на општина Крива Паланка беше изгласан предлогот за именување улица во чест на бранителот, Горан Илиевски, кој загина во полициската акција во кумановската „Дива населба“.

На седницата советничката Соња Мазаковска поднесе иницијатива во чест на Горан Илиевски – по потекло, по мајка, Кривопаланчанец, дел од улицата Херој Карпош во  кривопаланечката населба Бавчалак  да биде именуван со неговото име.

Иницијативата едногласно беше поддржана од сите советници од Советот на општина Крива Паланка, а присутни беа и членови на најблиското семејство на Илиевски и негови роднини од Крива Паланка.

Горан Илиевски живееше во Гостивар. Илиевски имаше 41 година, беше оженет и татко на малолетно дете. Во Министерството за внатрешни работи бил вработен во 2002 година.Тој загина во антитерористичката акција на безбедносните сили во Куманово, како припадник на единиците за брзо распоредување.