Oдржана првата форумска сесија од буџетскиот форум

Во организација на локалната самоуправа, а со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка и во соработка со Единицата за координација на форумите, во Крива Паланка, на 11 ноември 2014 година, се одржа првата форумска сесија од буџетскиот форум, кој е дел од програмата „Форуми во заедницата“.

[embpicasa id=”6080788174115433841″]

Целта на буџетскиот форум е граѓаните да добијат целосен увид во приходите и расходите  на општината и со свои предлози да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет за 2015 година, во рамките на стратешкиот развоен план и приоритетите за развој на општината за наредната година.

На форумската сесија присутните ги поздрави градоначалникот на Крива Паланка, Аренчо Алексовски, кој истакна дека учеството на граѓаните во донесување на одлуките на локално ниво е од особено значење за транспарентното и отчетно работење на општинската администрација и за подобрување на услугите и потребите на граѓаните.

-Посакувам успешна работа на буџетскиот форум во општината, која пред неколку години успешно спроведе проектен форум од кој произлезе изградбата на главната улица „Свети Јоаким Осоговски“ во делот на Старата чаршија. Очекуваме дека успешно ќе го спроведеме и форумскиот процес за партиципативно и транспарентно изготвување на буџетот за 2015 година, кој ќе биде креиран во консулстација со граѓаните. Форумот е извонреден начин граѓаните да се запознаат со општинскиот буџет и да дават свои предлози за приоритетните буџетски програми и проекти. Се разбира, сите нивни предлози нема да може да бидат прифатени, со оглед на ограничените средства, но добар дел од тие приоритети, поточно оние кои се издржани и реални, ќе влезат во општинскиот буџет за 2015 година, посочи Алексовски.

Раководителот на Одделението за финансиски прашања, Татјана Ѓоргиевска, на присутните граѓани им го презентираше процесот на буџетирање и структурата на буџетот на општината, при што ги запозна со приходите и расходите кои се реализираат во една фискална година, изворите на приходи, нивната распределба, како и намената на буџетските трошоци.Истовремено на учесниците им беше даден и преглед на реализацијата на стратешкиот развоен план и приоритетите за развој на општината за 2015 година.

Според правилата на форумскиот процес, учесниците на форумот одлучија да работат на 9 работни маси преку кои ќе ги презентираат своите предлози за приоритетни програми и проекти.

На првата форумска сесија граѓаните дадоа 27 предлози за  приоритети за развој на општината за 2015 година, кои би можеле да влезат во општинскиот буџет, во  зависност од надлежностите на општината, расположивите средства и оправданоста на предлозите.

Во наредните 4 форумски сесии учесниците ќе имаат можност да се запознаат со буџетските програми и да даваат свои предлози за нови проекти во општинскиот буџет и нивно позиционирање според приоритет.

Следната форумска сесија, на која ќе се гласа за буџетските програми за кои ќе се дискутира на форумот, ќе се одржи на 19 ноември, во ресторан „Облаче“, со почеток во 13 часот. Сите заинтересирани граѓани можат да учествуваат на форумот, а за сите нив е обезбеден организиран превоз, со поаѓање во 12,45 часот од пред општинската зграда.

Големина на фонт
Контраст