Практични мерки и техники за енергетска ефикасност во институциите и во домашни услови

Во рамки на проектот „Крива Паланка енергетски ефикасна општина – успешна општина“, вчера во салата на Советот на општината се одржа работилница со наслов  „Практични мерки и техники за енергетска ефикасност  во институциите и во домашни услови“. На работилницата присуствуваа претставници од локалната самоуправа, бизнис-секторот, НВО, институции и други заинтересирани граѓани.

Енергетската ефикасност е еден од приоритетите на кои работи општината и во таа насока реализирани се низа активности меѓу кои реконструкција на основните училишта, изработка на студија за ефикасно јавно осветлување, проект за изградба на мини хидроцентрали на доводниот цевковод на градскиот водовод, а во иднина меѓу другото се планира и поставување на сончеви колектори на општинските објекти – истакна градоначалникот Алексовски во своето обраќање.

На работилницата беа обработени темите „Европски директиви и национална законодавна регулатива, видови мерки за подобрување на енергетската ефикасност“, „Енергетска ефикасност на згради, штедење на енергија кај уличното осветлување и транспорт“ и „Системи за греење, климатизација и вентилација, обновливи извори на енергија“ кои ги презентираа стручни лица од Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој (ЦеПро КАРД) од Скопје.

Настанот беше искористен и да се доделат наградите на учениците учесници на наградниот конкурс „Вреди за иднината да се штеди“.

Проектот е реализиран од страна на Здружението „Регионален центар за одржлив развој“ (РЦОР) од Кратово и Општина Крива Паланка, со финансиска поддршка од глобалниот еколошки фонд преку програмата за мали грантови.


Големина на фонт
Контраст