Од Kалин Kамен ќе дотечат повеќе вода и струја

Заради оптимално производство на електрична енергија, инвеститорот „Хидро Осогово“, наместо на постојниот, предвидените хидроцентрали ќе ги инсталира на нов цевковод, во кој ќе инвестира дополнителни од 500.000 до 750.000 евра

Ќе се гради нов цевковод за водоснабдување од Kалин Kамен, на кој ќе бидат инсталирани новите хидроцентрали во Kрива Паланка, за кои веќе е потпишан договор за јавно-приватно партнерство помеѓу фирмата „Хидро Осогово“ и ЈП „Kомуналец“. Ваква одлука донесе Советот на општината кога од страна на приватниот инвеститор беше посочено дека од постојниот цевковод од Kалин Kамен нема да може да се обезбеди производство на електрична енергија.

– Постојниот водоводен систем од Kалин Kамен има челичен цевковод, кој е стар околу 40 години, со повеќе преградни комори и со големи висински разлики, што доведува до големи загуби на вода, тешкотии во водоснабдувањето и од него нема да може да се обезбеди оптимално производство на струја. По извршената анализа, проценивме дека е најдобро да изградиме нов водовод во должина од над 5 км со кој истовремено ќе се обезбедат почиста вода, многу помали губитоци на вода, поквалитетно водоснабдување и поголемо производство на електрична енергија. Со тоа општината ќе добие повеќе бенефити, а и поголеми приходи – објаснува Кочо Анѓушев од новооснованата фирма „Хидро Осогово“, која ќе стопанисува со новите хидроцентрали.

Новиот цевковод од Kалин Kамен ќе биде изграден од стаклено-пластични цевки со рок на траење од 200 години за што приватниот партнер ќе вложи дополнителни од 500.000 до 750.000 евра.

– Сегашните цевки со дијаметар од 219 милиметри ќе бидат заменети со ГРП-цевки од 300 милиметри, што ќе овозможи прифаќање и транспорт на поголемо количество вода до градот. Освен новата линија, и стариот водовод ќе се одржува во функција со минимален проток на вода, што ќе значи двојна сигурност во водоснабдувањето на Kрива Паланка – вели Анѓушев.

Според новото решение, наместо пет, ќе бидат изградени четири хидроцентрали, по две на водоснабдителните системи од Kалин Kамен и Станечка Река, а вкупната инсталирана моќност ќе изнесува 681 киловат. Целокупната инвестиција е на приватниот партнер, а ќе чини околу 2,5 милиона евра.

– Наместо 480 киловати, колку што беа превидени со тендерот, првично понудивме 610, а со новото решение ќе обезбедиме инсталиран капацитет на хидроелектроцентралите од дури 681 киловат. Тоа ќе овозможи производство на струја за речиси 50 отсто повеќе – истакнува Анѓушев.

Зголемениот капацитет ќе придонесе и за поголеми приходи за општината на која, според договорот, и припаѓаат 17 проценти од целокупното производство на електрична енергија.

– Општината ќе добива околу 60.000 евра годишен приход од овој проект, без да вложи ниту денар сопствени средства. Паралелниот водоснабдителен цевковод, пак, ќе го реши проблемот со водоснабдувањето за наредните 100 години – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Според договорот, приватниот инвеститор ќе стопанисува со хидроцентралите 30 години, по што тие ќе преминат во сопственост на општината.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст