Фондацијата „Со срце за Крива Паланка” организира бесплатни работилници за млади невработени лица и средношколци

 
Нова сесија бесплатни работилници за младите невработени лица и средношколците од Крива Паланка ќе се реализира во петок, 22 ноември, во организација на фондацијата”Со срце за Крива Паланка”.
Работилницата на тема „Маркетинг стратегии за стартапи- научи како да се издвоиш од другите“ ќе се реализира во просториите на средното општинско училиште, а пријавувањето на заинтересираните учесници е во тек.

Одговорните на фондацијата посочија дека серијата работилници има за цел да се отворат нови перспективи и видици за младите од општината.
 
– Како личност која потекнува од Крива Паланка, со тимот од фондацијата работиме волонтерски, со една цел, да се направи се што може за родниот град, да се помогне со сопствен потенцијал или да се волонтира и донира, за да се овозможат подобри услови, можности за Кривопаланчани. Ја застапуваме каузата секој што ќе добие нешто од фондацијата, пак, да возврати за заедницата, па така, на  конкурсот за стипендирање на „Семос Едукација” доделивме бесплатна обука за Кристина Величковска од Крива Паланка, којашто сега бесплатно ги одржува работилниците од областа на економија и маркетинг, што е нејзина специјалност, изјави Валентина Тасева од надзорниот одбор на Фондацијата”Со срце за Крива Паланка”,  директорка на „Семос Едукација”.
 
Претстојната работилница вклучува: дигитални канали на маркетинг, традиционални канали на маркетинг, позиционирање на пазарот, стратегии за промоција на “Start Up”-бизниси,што всушност стои зад поимот „брендирање”, топ online-техники за промовирање на производ или услуга: Facebook Adds, Google adwords, Email marketing, SEO.
 
Заинтересираните кандидати можат да се пријават на ФБ страницата на фондацијата, кај тимот од фондацијата или во Средното општинско училиште „Ѓорче Петров”, Крива Паланка.
 
По оваа, следи уште една работилница што ќе се одржи во декември, а ќе биде посветена на пишување CV, мотивaционо писмо и техники за интервју, изработка на CV.
Големина на фонт
Контраст