Граѓаните ги подржаа сите пет предлог проекти на Форумот во заедницата

На четвртата форумска сесија од програмата „Форуми во заедницата“, граѓаните ги подржаа сите пет предлог проекти, изработени од работните групи, со кои се нудат решенија за повеќе приоритетни проблеми со кои се соочува општината.

Работните групи детално ги презентираа целите, резултатите, активностите и буџетите на проектите за: Реконструкција на дел од главната  улица “Свети Јоаким Осоговски”; Изградба на пешачка патека од Зелениот пазар до ООУ “Јоаким Крчовски”; Реконструкција на рекреативната патека до туристичкиот локалитет Станечки водопади; Реконструкција на пешачкиот мост во населбата “Бегови Бавчи” и Уредување на каскадите на Крива и Дурачка Река.

Со одредени забелешки и препораки, учесниците се согласија дека сите проекти се приоритетни и се од голема важност за граѓаните, по што дадоа подршка тие да се надополнат со потребните документи и податоци и да се достават до Програмскиот одбор на Единицата за координација со Форумите при Швајцарската агенција за развој и соработка. Програмскиот одбор ќе го има одлучувачкиот збор дали сите предложени проекти ќе можат да бидат ставени на гласање на следната петта форумска сесија, во зависност од тоа дали ги исполнуваат предвидените услови и критериуми на Форумот во заедницата.

Присутните учесници ги поздрави и градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Чест ми е да ги поздравам сите учесници на “Форумот во заедницата”, кој за нас ,како општина, е од особено значење, затоа што е вистинска можност да го слушнеме гласот на граѓаните  и нивните  приоритети. Сите пет предлог проекти, како и останатите предлози и препораки, кои ги има таргетирано Форумот и кои ќе произлезат од него, ќе бидат земени в предвид од страна на локалната самоуправа. Најважно е што ќе знаеме на кои приоритетни проблеми треба да се фокусира нашата општина, а оние проекти кои нема да можат да се реализираат од проектниот фонд во овој форумски циклус, ќе се залагаме да ги финансираме од други извори на средства и фондови.

Проектниот фонд на Форумот на заедницата изнесува 2,8 милиони денари, обезбедени со поддеднакво учество на Швајцарската агенција за развој и соработка и општина Крива Паланка. Носителот и партнерите во проектите,пак, треба да обезбедат минимум 10 отсто од вкупниот проектен фонд во готово или во натура.

Петтата форумска сесија е закажана за 20 декември, кога граѓаните ќе можат да гласаат за најпосакуваниот или за проектот кој сметаат дека е најприоритетен и од најголема важност за локалната заедница. Право на глас имаат сите граѓани, кои оствариле три учества на форумските сесии, вклучувајќи ја и петтата сесија. Секоја работна маса е рамноправна во гласањето, односно, една работна маса носи еден глас. Проектите, пак, ќе се бодуваат, по принципот на евровизиско гласање, и оној проект или проекти (во зависност од висината на средствата), кои ќе добијат најголем број гласови, ќе бидат финансирани од проектниот буџет на Форумот. Останатите предлог проекти, како и претходно утврдените предлози и решенија за повеќе проблеми од страна на Форумот, ќе бидат доставени во вид на препораки до Општината, која на последователната, шестта сесија, треба да даде отчет за бројот на реализирани проекти и препораки, дадени од страна на граѓаните.

Големина на фонт
Контраст