Известување – Форум во заедницата

Форумот во заедницата во општина Крива Паланка има чест и задоволство да Ве покани на првата форумската сесија  која што ќе се одржи на 20.09.2011г.  (вторник) во 15 часот во салата на ОУЈоаким Крчовски“-Партизан, Крива Паланка.

Општина Крива Паланка во периодот од месец септември до месец декември,  ќе го реализира проектот „Форуми во заедницата“, кој има за цел да го зајакне граѓанското учество во процесот на одлучување на локално ниво, да се подобрат партнерствата помеѓу локалните субјекти и да се изнајдат поефикасни решенија за проблемите од интерес на целата заедница.

Проектот е подржан од Швајцарската агенција за соработка и развој (SDC) и со сопствено учество на локалната самоуправа, а имплементирачка организација е Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Според одобрената апликација, проектот ги опфаќа следните теми:

1. Локален економски развој/инфраструктурно уредување на градот и населените места во општината во функција на економскиот развој;

2. Образованието, спортот и животот на младите/изградба, уредување и опремување на спортско-рекреативни и воспитно-образовни објекти во општината;

3. Ставање на богатата ризница на природното и културно наследство и живата култура во функција на развој на турузмот.

Форумскиот процес е отворен за сите граѓани, кои сами ќе одлучуваат за изборот на темата, проектните  идеи и предлог проектите, кои ќе се реализираат со овој проект, а воедно, ќе бидат земени в предвид и во понатамошните општински активности.

На оваа прва форумска сесија ќе се запознаат присутните со Програмата и целите на проектот, ќе се изврши избор на темата на форумот и ќе бидат презентирани критериумите за работа на форумот. 

На сесијата учество ќе земат:  Градоначалникот на Општина Крива Паланка Арсенчо Алексовски, Директорот на Швајцарската агенција за развој ,  и претставник од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Преку проектот ,,форуми во заедницата“ жителите на општина Крива Паланка одлучуваат кои се приоритетите за социо-економски развој на општината и кои активности може да се спроведат за подобрување на состојбата на локалната заедница. Проектите ќе се финансираат од буџет од  2 800 000,00 МКД од кои 1 400 000,00 МКД се обезбедени од општината, а 1 400 000,00 МКД од Швајцарската агенција за развој.

Целта на форуми во заедницата е партиципативно учество на граѓаните во процесите на одлучување во локалната заедница, афирмацијата на општината, создавање на партнерства меѓу локалните засегнати страни, интеракцијата меѓу различните културни идентитети и афирмирањето на интересите на маргинализираните групи преку непосредното учество во одлучувачките процеси  во локалната заедницата.

Форумот на заедницата претставува алатка –  форма на вклучување на граѓаните од страна на локалната самоуправа во донесувањето одлуки кои се важни за нивниот  живот и за самата заедница.

Форумот на заедницата служи за општината да развие транспарентни практики на одлучување со вклучување на граѓаните, но и граѓаните да развијат чувство на одговорност за трошењето на општинските средства. Кај другите форми на учество на граѓаните, на крајот одлуката ја донесуваат локалните власти, а граѓаните се консултирани, но нивните предлози не се секогаш прифатени. Кај Форумот, граѓаните заедно со локалните власти ја донесуваат одлуката.  

Форумите се организираат заради јавно расправање или постигнување согласност на локалната јавност за предложените приоритети во документите за стратешки локaлен развој, за јавни дебати за проблемите и утврдување решенија и приоритети, како и за предлагање и избор на проекти или заради развивање проекти од интерес на заедницата.

Форумот претставува низа од  средби на граѓани (форумски сесии) на кои преку структурирани дискусии учесниците елаборираат проблеми и нудат решенија за нив, истовремено давајќи и препораки за локалните институции.

Форумот ја одразува заедницата, затоа што на него учествуваат претставници од различни општествени, старосни, етнички, родови, професионални, религиозни  и други групи, зависно од тоа кои групи се претставени во заедницата.

 

 

Големина на фонт
Контраст