Општина Крива Паланка започна со решавањето на проблемот со бездомните кучиња

Општина Крива Паланка започнаа со имплементација  на одредбите  од Законот за заштита  и благосостојба  на животните, во делот на контрола на популацијата на кучињата во градот и приградските населби. Оваа активност покрај тоа што претставува законска обврска, истата е резултат  и на големиот број на поплаки од страна на граѓани во изминатиот период.

Во изминатите две недели од страна на надлежните инспекциско-редарски служби извршено е теренско согледување и анализа на бројот на кучиња кои слободно се движат на одредени нивни територии. Од овие теренски увиди  е констатирано  дека по улиците и населбите има над  70 – тина кучиња, од нив околу  20 – тина кучиња имаат соодветни обележја на вратот   (каиш, ланец, заштитник со бодежи или врвка, ланче и сл.) што укажува на фактот  дека веројатно истите  имаат сопственици.

Општината склучи Договор  со лиценцирана фирма за заловување и третирање  на бездомните кучиња  на територијата на општината Крива Паланка и истата  започна со заловување, за кое нешто овие денови се сведоци и самите граѓани.

Ги известуваме сите сопственици на кучиња, за одговорно сопствеништво, односно согласно законската регулатива  сопствениците на кучиња не смеат  да ги пуштаат своите кучиња миленици  надвор од дворното место  како и на тоа дека истите се должни кучињата да ги вакцинираат, ако е потребно да ги кастрираат  и задолжително чипираат.

Сопствениците своите кучињата миленици  треба  да ги шетаат задолжително со подводник.

Општината  исто така ги известува сопствениците на кучиња дека  истата нема да има  никаква одговорност ако бидат заловени некои од  кучињата кои се неконтролирано пуштени во населбите и по улиците. Од страна на надлежните служби во тек е лоцирање на неодговорните сопственици  кои ги напуштаат домашните миленици  и против истите ќе бидат превземени соодветни  мерки.

Согласно укажувањата на Агенцијата за храна и ветеринарство, Општината Крива Паланка во најскоро време  ќе донесе  програма и буџет  наменет за субвенционирање на кастрација  и ојаловување на женските кучиња кои имаат сопственик со што ќе се промовира  одговорното сопствеништво, а крајниот резултат  ќе биде намалување  на бројот на бездомните животни. Исто така Агенцијата  за храна и ветеринарство  е во фаза на набавка  на 100.000 микрочипови со кои бесплатно ќе се идентификуваат кучињата кои се чуваат како домашни миленици, заради што е потребно сопствениците своите кучиња миленици да ги пријават во ветеринарните станици.