Се одржа манифестацијата „ Кривопаланечка еко храна“

Во сабота на 19.11.2016 година во Крива Паланка се одржа манифестацијата „ЕКО ХРАНА“. Манифестација ја негува традицијата, етнологијата-фолклорот со цел зачувување и промоција на производството на здрава храна – традиционалното еколошко земјоделие, вкусот на традицијата, националното и културно богатство и наследство од нашите предци.
Манифестацијата се одржа на централниот градски плоштад со почеток во 12 часот.
Хуманитарните штандови со храна произведена во овој крај понудија најразлични специјалитети за сите што сакаа да го почувствуваат вкусниот залак на еколошки произведената храна. Понудените специјалитети се продаваа без конкретна цена, односно посетителите оставаа парични донации на штандовите кои организаторот ги намени за семејствата што живеат во социјален ризик.
– Ова е настан кој претставува празник на здравата храна. До минатата година беше своевидна компиријада, но ја преиначивме во фестивал на здрава храна, на органски производи од чиста и еколошки здрава средина, произведени на чист воздух под Осоговието. Ме радува што одѕивот на граѓаните и угостителите годинава е многу голем – истакна градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.
Манифестацијата имаше натпреварувачки карактер, а жири – комисија ги оцени подготовките во три категории: најдобар вкус, декорација и автентичност. Предвидени се парични награди за трите најуспешни во сите категории, а дополнително, по претходно распишан конкурс за ликовни творби, беа доделени награди на трите најдобри цртежи од изложените на градскиот плоштад.

На настанот учествуваа и дечињата од градинката „Детелинка“, кои подготвија изработки од компир, а учениците од угостителската паралелка од средното училиште Ѓорче Петров приготвија специјалитети од компир.

Културно–уметничката програма ја збогати настапот на Нино Величковски и на фолклорните друштва „8 Октомври“, „Карпош“ и „Фолклористи“.

[embpicasa id=”6355328725717400129″]

Големина на фонт
Контраст