Изложба на уметничка фотографија од Бојан Петровиќ – Бокац „Тага и радост – Роми“

На 07.11.2016 година (понеделник) во 19 часот во Градската Галерија при ЛУ Градски Музеј – Крива Паланка беше отворена изложбата на уметнички фотографии од Бојан Петровиќ – Бокац „Тага и радост – Роми“.

Бојан Петровиќ-Бокац е роден на 01.01.1983 година. Живее, работи и создава во Параќин-Р.Србија. Првите почетоци како фотограф ги реализира во 2002-2004 година користејќи  сосема обичен аналоген фотоапарат, а сериозно навлегува во светот на фотографијата во 2010 година.

Бојан е член во Фото Кино Клубот „Параќин“ и Фото Сојуз на Србија, каде што го има називот Кандидат мајстор на фотографија. Носител е на титулата EFIAP/b и почесен носител на титулата HonFtGM.

Во 2013 година бил прогласен за најуспешен автор во Фото Сојузот на Србија.Тој има учествувано во над 130 групни изложби, главно со покровителство на FIAP . Неговите дела се изложувани во 39 различни држави, каде што негови фотографии биле наградувани во 18 држави со 178 медали и признанија. Најдраги награди на авторот му се: Пофалби за серија на фотографии во Националната изложба на уметничка фотографија во Чачак, ПСА бронзен медал „7-ми Фото Салон Куманово 2012″, FSS Златен медал „Животот рамнотежа” во Белград, бронзен ФИАП медал во Чешка на „14-тата Меѓународно Биенале Жена Strakonice –Чешка“ и FIAP златен медал во натпреварот „16 Меѓународна изложба на фотографија – Шри Ланка”.

Како што истакна авторот ова му е деветта самостојна изложба. Како најдрага и најуспешна самостојна изложба ја потенцираше изложба во 2013 г. во Куманово во соработка со фото-клуб „Куманово“ од Куманово која за него претставувала „отскочка штица“ за неговото претставување во Македонија. Тој не го криеше задоволството дека повторно изложува во Македонија и истакна дека Македонија ја чувствува како втор дом поради соработката во Владимир Јовановски од фото-клуб „Куманово“ од Куманово, пријателствата што ги стекнал тука и убавината на земјата.

Првите фотографии за изложбата „Радост и тага – Роми”, Петровиќ ги направил во 2012 година кога случајно се запознава со едно ромско семејство со кое се зближува, а како најголема инспирација му преставувала нивната ќерка Јована. Авторот  ќе истакне дека преку фотографиите сака да го прикаже фактот дека во нашето општество постои малцинство кое жевее многу тешко. Со гледање на овие фотографии авторот сака да да го сврти вниманието на поширокиот аудиториум дека животот на ромите е грижа на општеството, а воедно грижа на секој од нас.

Директорот на ЛУ Градски Музеј, г-дин Драган Величковски истакна дека ова е четврта по ред изложба на уметничка фотографија оваа есен во Градската  Галерија и се надоврза на Бојан Петровиќ, дека тој како етнолог покрај уметничката вредност во фотографиите мора да потенцира дека во секоја фотографија се испреплетува етнологијата, од фотографиите  може да се долови традицијата и културата на Ромите.

Изложбата  за јавноста ќе биде отворена во наредните десетина дена.

 

ЛУ Градски Музеј – Крива Паланка