Изложба на фотографии „Моменти во Европа“

Во уметничката галерија на Градски музеј Крива Паланка вчера беше отворена изложба на фотографии од Игор Данајловски насловена како „Моменти од Европа“. Низ фото-објективот на Данајловски на 12 фотографии е претставено културно патување низ неистражените предели и пејзажи на Европа и Европското културно наследство.

Изложбата е дел од програмата „Културни приказни“ на Делегацијата на ЕУ и ЕУ инфо-центарот во соработка со ЕУ инфо-точката во Крива Паланка.

– Културното богатство на Европа е богат и разнолик мозаик од креативни изрази, богатство од претходните генерации европејци и оставина за тие што доаѓаат. Во тој контекст културните приказни настојуваат да го доближат ова немерливо богатство на Европската култура до граѓанинот, да ја сплотат публиката на еден поинаков, свеж начин, тие го допираат секој аспект од животот, различните толкувања и идеи. А како што подобро ги запознаваме различните култури, така се придвижуваме до нашето индивидуално стојалиште на културната традиција кон посуштинско меѓукултурно разбирање, рече Лидија Митовска, одговорна во ЕУ инфо-точката при локална самоуправа на Крива Паланка.

Директорот на Градски музеј Драган Величковски рече дека е чест да се биде дел од организацијата на настани кои ги промовираат европската култура и вредности.

– Ова е само една од активностите кои ги промовираат европските вредности, а ние како музеј сме горди што можеме истите да ги етаблираме бидејќи градскиот музеј во најголем дел е реконструиран со средства до Европската унија и ЕУ-фондовите. Често организираме изложбени активности за промоција на ЕУ, но имаме и посети од претставници на Унијата кои ја валоризираат нашата работа, истакна Величковски.

Изложбата ќе биде отворена во наредните 15 дена, а претстојниот период следуваат неколку изложби, дел од редовната годишна програма на Градската уметничка галерија.

– По повод 8-ми Март симболично, ќе биде отворена изложбата на карикатури од меѓународниот конкурс „Мажот како колатерална штета од односто снаа-свекрва“ која ќе трае до „Младенци“, 21 март, потоа следува изложбата на дела од младите академски сликари од општината, а следуваат и изложбата на фотографии „Кокино-мистичен шепот на вечноста“ и јубилејната изложба на дела од кривопаланечкиот академски сликар Роберт Цветковски, информира Величковски.