Успешна реализација на XXIV-от Државен натпревар по прва помош одржан во Крива Паланка

Црвениот крст на Република Македонија упатува благодарност до Општина Крива Паланка, ЈП „Комуналец“, ОУД „Боро Менков“, ПС ОН Крива Паланка, ТППЕ Крива Паланка, ООУ „Јоаким Крчовски“, Слаткарница ТЕА, до сите волонтери, членови  на општинската организација, Клубот на млади на ООЦК Крива Паланка како и членовите од Клубот на пензионери „Достоинствен живот“ при ООЦК Крива Палнка за ангажирањето, вложениот труд и за пружената поддршка за успешна реализација на XXIV-от Државен натпревар по прва помош кој на 18 и 19 септември се одржа во Крива Паланка.

Црвениот крст на Р. Македонија одбележува 70 години од формирањето и дејствувањето и 20 години полноправно членство во Меѓународната федерација на националните друштва на Црвен крст и Црвена полумесечина.

Оваа година Државнот натпревар по прва помош се одржа под мотото “Првата помош во услови на мигрантска криза”. Денес како и во многу години наназад се соочуваме со многу предизвици, а пред се со мигрантите кои транзитираат низ Република Македонија и на кои им е потребно укажување на прва помош, а Црвениот крст е исправен и пред овој голем предизвик. Натпреварот имаше за цел да ја промовира првата помош кај младата популација и во јавноста пошироко, нагласувајќи ја хуманата компонента која е од непроценливо значење за овозможување на безбедно секојдневие. Вкупно 25 екипи кои ги претставуваат општинските организации на Црвениот крст од целата територија на Р. Македонија се натпреваруваа во укажување на прва помош при различни видови на реалистично прикажани повреди. Младите исто така имаа можност да ги покажат своите знаења од областа на дисеминацијата и вештините во игрите од забавен карактер.

Натпреварот го отвори Претседателот на организациониот одбор на Државниот натпревар по прва помош асс. Д-р Огнен Костовски, а победниците ги прогласи и поздрави  Генералниот секретар на Црвен крст на Република Македонија, д-р Саит Саити како и претседателот на ООЦК Кр.Паланка Жаклина Цветковска.

Најуспешни на 24-от натпревар по прва помош беа екипите од Газби Баба кои го освоија 3-то место, Кочани со заслужено 2-ро место, а  првото место и припадна на екипата од Кисела Вода, додека пак најуспешна во дисеминација беше екипата од Битола.

Големина на фонт
Контраст