Народниот театар од Лесковац ја воодушеви кривопаланечката публика

Претставата „Ранет орел“, на Народниот театар од Лесковац, Република Србија, со која синоќа започна официјалната програма на 7-от по ред Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, наиде на извонреден прием кај кривопаланечката публика. Претставата претставува пародија на познатата мелодрама, инспирирана од романот на српската писателка Мирјана Јаковлевиќ, МИР-ЈАМ, а самото поигрување со темата и ликовите, надополнето со оригиналниот лесковачки говор, предизвика овации кај гледачите, кои ја наградија бројната актерска екипа со огромни аплаузи. Особено задоволство кај публиката предизвика настапот на популарниот актер Богољуб Митиќ, познат како Гоша, кој се појави во улогата на авијатичарот Ненад Алексиќ.

На гостите од Лесковац, градоначалникот Арсенчо Алексовски им врачи плакета за учество на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, а тие се заблагодарија за поканата и гостопримството на кривопаланчани.

Вториот фестивалски ден е резервиран за промоција на делото „Од обред до театар“ на проф. д-р Тихомир Стојановски, закажана за 12 часот. Промотор е театарскиот критичар Трајче Кацаров, а актер Страшко Милошевски.

Вечерва, со почеток во 20 часот, пак, настапува театарот „Комедија“ од Скопје, со претставата „Ах, љубов моја“, во режија на Коле Ангеловски.

[embpicasa id=”6195046168736437105″]

Големина на фонт
Контраст