43 хектари државно земјиште на располагање на земјоделците од Крива Паланка и Ранковце

На земјоделците од општините Крива Паланка и Ранковце на располагање им стојат 43 хектари државно земјиште за кое ќе можат да аплицираат во следните 30 дена.

– Земјоделците од Крива Паланка и Ранковце од денес до 29 септември можат да аплицираат како физички лица за закуп на државно земјиште до три хектари. Истите можат да поднесат барање за закуп во траење од 15 до 70 години, зависно од активноста и од земјоделската култура која ќе се одгледува  на земјиштето-информира Валтко Ристовски, советник во стручната канцеларија на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството од Крива Паланка.

Ристовски додаде дека почетната цена по хектар се утврдува во зависност од местоположбата и од катастарската класа на парцелата и изнесува од 5 до 25 евра, а увид во податоците за секоја површина може да се направи на официјалната страница на Министерството за земјоделство, но и во Подрачнатa единица на МЗШВ во Крива Паланка.

– Со ова се исполни уште едно од ветувањата на премиерот Никола Груевски со кое ќе се овозможи и намалување на невработеноста во двете општини со тоа што голем број индивидуални земјоделци ќе можат да добијат земјиште и да се самовработат, а земјоделците кои живеат во близина на локациите кои се даваат под наем ќе имаат приоритет за добивање на земјиште. За сите услови за аплицирање заинтересираните можат да се обратат во стручната канцеларија на АФПЗРР во Крива Паланка секој работен ден, како и во канцеларијата во Ранковце, секој вторник-рече Ристовски.

На територијата на Крива Плаанка и Ранковце има регистрирано вкупно 1500 земјоделци. Критериуми врз основа на кои ќе се избира најповолен понудувач се оддалеченоста на местото на  живеење, понудена годишна закупнина по хектар и правниот статус на понудувачот. Образецот за учество на јавниот оглас може да се подигне во Министерството за земјоделство, подрачните единици и од веб страната на Министерството.

Понудите се доставуваат до Генерален секретаријат на Владата на Република Македонија заклучно со 29 септември 2015 година.