Голем интерес за прием на дечиња во кривопаланечката градинка „Детелинка“

Рокот за запишување дечиња во предучилишната установа, детска градинка „Детелинка“ од Крива Паланка истекува денес, но поради зголемениот интерес од страна на родителите за згрижување на нивните дечиња пријавување и запишување ќе се врши и во следните денови, информираат од „Детелинка“. Директорката, Жанета Маџовска, потенцира дека минатата година ја завршиле со рекорден број дечиња, дури 400.

-Лани во сите предучилишни групи, јасли, градинка и забавиште беа згрижени вкупно 400 деца, рекорден број од формирањето на установата. Поради тоа со Одлука на Советот на општината беше зголемен и бројот на групи за згрижување, па годинава иако до денес се врши упис, бројот на пријавени дечиња е веќе над 400. Веќе е подготвена и одлука за распределба и нови групи и дополнителен наставен кадар-изјави Маџовска.

Таа додаде дека фактот што бројот на дечиња од година во година се зголемува е охрабрувачки.
-Бројот на запишани дечиња е и показател дека и наталитетот во општината расте. Минатогодишната бројка на запишани деца е рекордна во изминатите 5 децении, а годинава најверојатно истата ќе ја надминеме. Но, подготвени сме и просторно и кадровски да ги прифатиме сите деца. Имаме три објекти во Крива Паланка, а веќе втора година работи и новиот клон на „Детелинка“ во соседната општина Ранковце кој функционира во просториите на ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“-рече Маџовска.

Таа ги повика сите родители кои планираат да ги запишат своите дечиња, а тоа не го сториле од која било причина, истото да го сторат што поскоро.

ОУЈДГ „Детелинка“ е формирана во 1963, функционирала во склоп на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“, а самостојно работи од 1972 година.

Големина на фонт
Контраст