Делегација од Општина Крива Паланка во посета на Општина Вршац

Делегација од општина Крива Паланка, предводена од Градоначалникот Арсенчо Алексовски ја посетија општина Вршац, збратимен град од Р.Србија, во рамките на  одржувањето на тринаесетиот по ред Меѓународен фолклорен фестивал „Вршачки венац“.

Делегацијата беше примена на највисоко ниво од страна на градоначалникот на општина Вршац,  г-дин Чедомир Живкович, директорот на фестивалот ,,Вршачки венац“, г-дин Зоран Џекич  и други претставници од општината.

Градоначалникот Арсенчо Алексовски за време на тродневната посета на општина Вршац оствари повеќе работни средби на кои меѓу другото се разговараше и за размена на искуствата и техниките во меѓуграничната соработка кои општина Вршац ги има со своите соседи. На средбите се разгледуваа и можностите за деловна соработка со бизнис субјекти од збратимените Општини. Беа разгледани и можностите за соработка во областа на спортот, туризмот како и други видови на соработка која од година во година се повеќе се зголемува и покрај финансиските потешкотии што се чувствуваат од двете страни.

Посетата на јавното комунално  претпријатие  за полнење на флаширана вода беше од особена важност за нашата делегација која имаше можност да ги запознае новите технологии кои би биле применливи и кај нас.

Градоначалникот со особено задоволство се сретна со претставниците од Македонскиот национален совет, ги посети нивните простории и се запозна со нивните активности.  Беа посетени и еден од најстарите и најпочитуваните подруми за вино ,,Крстов“ чиј сопственик е по потекло од Македонија, кој воедно се занимава и со промоција на винскиот и алтернативниот туризам. Се реализираа и посети на АД ,,Вршачки виногради“, на црквата „Св.Јован Крстител“ во село Месич како и на  спортскиот центар ,,Милениум“.

Покрај овие активности, делегацијата од нашата општина и градоначалникот Арсенчо Алексовски ги следеа  сите вечери на фестивалот, а воедно ги посетија и учесниците од нашата општина, вокално-инструменталниот состав на староградски песни „Распеани паланчани“.