Голем интерес за стручните насоки во СОУ „Ѓорче Петров“

Од вкупно запишаните 122 ученика со двете пријавувања од јунскиот уписен рок во кривопаланечкото средно општинско училиште „Ѓорче Петров“, дури 40 отсто се во стручните паралелки кои ова училиште ги нуди. Директорот на СОУ „Ѓорче Петров“, Миле Милковски, потенцира дека соодносот на стручни и гимназиски паралелки речиси се изедначува.

-Од година во година се поголем е интересот на средношколците за изучување на некоја од струките кои ги нуди нашето училиште. За претстојната 2015/16 година во гимназијата беа предвидени 170 слободни места за гимназиско и исто толку за стручно образование. Во двете пријавувања од јунскиот уписен рок во нашето училиште се запишаа 122 ученика, од кои  77 во гимназиско образование, а 45 во стручно. Според тоа, ќе се формираат 5 гимназиски и 4 стручни паралелки-рече Милковски.

Милковски нагалси дека фактот дека стручните работници се многу барани на пазарот на трудот ги охрабрува идните средношколци да одберат средно стручно образование.

-Во електортехничката струка се запишани 25 ученика, 13 во машинска,  4 автомеханичари и 3 во угостителската, додека за струката која е новововедена, конфекциско-компјутерски оператор за која е предвидена една паралелка сеуште немаме пријавено ученици. Се надеваме дека во августовскиот уписен рок учениците кои се обиделе во јуни да се запишат во училишта надвор од нашата општина, ќе се вратат во Крива Паланка и ќе одберат некоја од понудените струки кои се просперитетни и барани на пазарот на трудот. Особено би нагласил дека новата наставна насока која ја воведовме годинава, конфекциско-компјутерски оператор ќе понуди брзо вработување на младите кои ќе ја завршат бидејќи најавено е отворање на текстилна фабрика во Ранковце –додаде Милковски.

Според Милковски, се очекува голем дел од слободните 218 места да бидат потполнети во августовскиот уписен рок.

На територијата на општина Крива Паланка и Ранковце годинава основно образование завршиле  235 ученика.

Големина на фонт
Контраст