Невработените ја светнаа Крива Паланка

Беа ангажирани 50 невработени, кои учествуваа во повеќе активности за уредување и за изградба на инфраструктурни објекти
Со шестмесечна акција на 50 невработени лица за расчистување на многуте депонии и деградирани локации, Крива Паланка стана почист и поуреден град за живеење, со зелени и уредени површини.

Преку проектот на Владата за ангажирање на невработените лица, општината презеде повеќе активности за санирање на загрозените и руинирани локалитети, како и изградба на инфраструктурни објекти, што резултира со тоа што градското подрачје и приградските населби ги подигна стандардите за чиста и уредена еколошка средина.

– Проектот финансиран од Владата, во партнерство со Агенцијата за вработување и локалната самоуправа се покажа многу ефикасен и успешен. Благодарение на поддршката од државата, интервениравме на многуте критични места и извршивме генерално чистење на градот. Работниците си ја завршија работата со расчистување на запуштените и неуредени површини, руинирани инфраструктурни објекти и изградба на јавни објекти. Со оваа помош, создадовме многу уредени локалитети и пријатни места за одмор и рекреација, кои со години беа деградирани – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Ангажираните 50 работници добиваа месечен надоместок од Владата од 6.300 денари, а општината им обезбедуваше оброк и материјал за градежните активности. Главните активности се спроведени за чистење на дивите депонии, речните регулациони корита и долови, изградба на јавни забавни игралишта, монтажа на комунална опрема, партерно и хортикултурно уредување, изградба на јавен тоалет, на тротоар на главната улица во градот и друго.

– Расчистени се 15 диви депонии, од кои се отстранети 430 кубни метри отпад, а проценетата вредност на работите е околу 300.000 денари. Разновиден отпад и дрвна маса се отстранети и од речните корита на Крива и Дурачка Река и од доловите, а исчистени се и сливниците и таложниците за атмосферска канализација. Овие запуштени објекти претставуваа сериозна опасност од поплави и одрони на патиштата и загрозуваа многу населби и имоти, што се покажа и при неодамнешното невреме, кое направи огромни штети во општината. Со изградбата на тротоар на главната улица при влезот во градот е отстранета опасноста за движење на граѓаните, кои го ризикуваа својот живот движејќи се по коловозот- вели Алексовски.

Во акцијата за почист град, општината спроведе и активности за изградба и санација на потпорни ѕидови, мостови, соодветни пристапи, уредување на спортско-рекреативните локации и друго.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст