Крива Паланка усвои план за родова рамноправност

Намалување на нееднаквостите и промовирање еднакви можности за мажите и за жените предвидува Локалниот акционен план за родова рамноправност, кој е усвоен од Советот на Општината Крива Паланка. Целта е да се подобри статусот на жената во локалната заедница, а приоритетни области за работа се човековите права, социјалната заштита, здравјето, вклучување во одлучувачките процеси, вработување и свеста за улогата на жената како домаќинка, земјоделка и сточарка во семејството.

– Клучен идентификуван проблем на кој треба да се насочат активностите е неинформираноста на жената за своите права, семејното насилство, економската зависност, ниската свест за здравјето и за нејзината улога во семејството и во општеството и друго. Стратегиските цели, пак, се подобрување на информираноста за нејзините права и улога, рамноправно учество во одлучувачките процеси, како и промовирање на родовиот концепт и еднаквите можности на мажите и на жените – вели Лидија Митовска, координатор за еднакви можности.

Локалниот акционен план за родова рамноправност ќе се реализира од 2010 до 2012 година.

Извор: Дневник