JП Комуналец ќе засади околу 35 илјади цвеќиња

Според годишната програма на секторот за хортикултура на јавното претпријатие „Комуналец“ од Крива Паланка годинава e предвидено на јавните градски површини да бидат засадени околу 35 илјади садници цвеќе.

– За уредување на парковите и зелените површини во општина Крива Паланка годинава  е зацртано да бидат употребени околу 35 илјади садници кои се одгледуваат од страна на вработените во ЈП Комуналец во две оранжериски фолии. Оранжериското производство на цвеќе за соспствени потреби го унапредивме изминатите неколку години, лани имавме една, а годинава две големи фолии каде зависно од сезоната се засадуваат цветните семиња и расадот цвеќе со кои постојано се освежуваат и надополнуваат цветните површини во општината – информира директорот на ЈП Комуналец, Томе Тодоровски.

Тодоровски додаде дека веќе е отпочнато пролетното засадување цвеќиња на повеќе локации во општината.

– Цвеќиња се засадуваат на влезот и излезот од општината, во градскиот парк, во помалите паркови и на новиот плоштад, како и во саксиите поставени на канделабрите. Нова и поголема површина која ќе биде хортикултурно уредена е опкружувањето во речното корито, долж велосипедската патека и мајор коритото на Крива Река каде покрај редовоното раззеленување ќе бидат поставени и цветни фигури – рече Тодоровски.

Минатата година за хортикултурно уредување на јавните површини во Крива Паланка беа употребени 25 илјади цвеќиња.

Големина на фонт
Контраст