Крива Паланка се збратими со словачкиот град Свидник

На свечената седница на Советот на Општина Крива Паланка, одржана на 25.08.2014, градоначалникот Алексовски и градоначалникот на Свидник, Јан Холодњак потпишаа договор за меѓународна соработка.

[embpicasa id=”6051766404756573473″]

Обраќање на градоначалникот Алексовски по повод збратимувањето со општина Свидник

Иницијатор за остварената првична соработка на двете општини е амбасадорот на Словачка во Република Македонија, Мартин Безак, кој денеска присуствуваше на чинот на збратимување.

– Со овој чин го зголемуваме кругот на нашите братски градови каде имаме многу пријатели, а човекот е богат онолку колку што има пријатели. Во мај присуствувавме во Свидник на празникот на градот, на покана на мојот колега, а сега при возвратната посета веќе остваруваме и културна соработка. Соработката ќе ја прошириме и на полето на образованието, спортот и останати области, рече градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.

Градоначалникот на Свидник, Јан Холодњак, рече дека со потпишана  нова соработка започнува нова епоха за двата града и нивните жители.

– Уште при нашата прва средба со вашиот градочачалник знаев дека тоа ќе биде пријателство за цел живот. Соработка веќе оставруваме со гостувањето на нашиот градски ансамбл на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осооговски“, но постојат повеќе области за  соработка на полето на земјоделството, спортот, духовната област.  Јас ќе бидам најсреќен кога сето тоа ќе се рефлектира со добри меѓучовечки односи, изјави Холодњак.

Холодњак на крајот додаде дека жителите на Свидник се гостопримливи и кога Кривопаланчани ќе ги посетат ќе се чувствуваат како дома,  што според него е најголемата придобивка од остварувањето братски односи помеѓу градовите од разни краишта.

– Кај нас важи изреката: „Гостин дома е Бог дома“, па сите вие сте добредојдени токму така да се чувствувате во Свидник, заврши Холодњак.

Општина Крива Паланка до сега има потпишано договори за меѓународна соработка и збратимена е со општините Дупница и Банско од Бугарија, Татлису од Кипар, Вршац од Србија, Млава од Полска и Самбервил од Белгија.


Големина на фонт
Контраст