Промовирана брошурата од проектот „Лето на култура и уметност“

Локалната установа „Градски музеј“ од Крива Паланка ја промовираше брошурата од проектот „Лето на култура и уметност“, финансиски поддржан од регионалната амбасада на кралството Норвешка во Белград.

[embpicasa id=”6049592851873485809″]

Во брошурата се опфатени 20 настани реализирани во рамки на „Лето на култура и уметност“ изминатата година.

– Минатата година Крива Паланка беше град на културата, а како дел од големата културна манифестација беа реализирани 180 настани. Паралелно со таа манифестација Градскиот музеј го спороведе и проектот „Лето на култура и уметност“ кој го збогати репертоарот за кривопаланчани. Со проектот организиравме уметнички изложби, концерти, работилница за фотографии, промоции на книги, а меѓународниот аспект беше исполнет со интегрирање на Интернационалниот фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ во проектот, информираше директорот на ЛУ Градски Музеј од Крива Паланка, Драган Величковски.

Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, истакна дека со манифестацијата „Крива Паланка град на културата за 2013“ и „Лето на култура и уметност“ беше променета културната мапа на градот.

– Важно е дека во оваа брошура се документирани дел од настаните и таа ќе сведочи за нив, а се надеваме заедно со Министерството за култура да изнајдеме средства да направиме брошура во која ќе бидат поместени 180-те настани организирани во годината кога нашиот град беше културна престолнина на Македонија, рече Алексовски.

Величковски рече дека брошурата е печатена со средства од Кралството Норвешка, а во неа низ фотографии од кривопаланечките фотографи Ѓорѓи Костовски и Стојанче Величковски се документирани настаните од програмата на проектот.

Големина на фонт
Контраст