Поројот однесе 7 милиони денари

Комисијата за процена на штетите од неодамнешното невреме во Крива Паланка утврди дека најмногу оштетувања има на инфраструктурата во селата Узем и Костур, како и на новиот цевковод и патната мрежа во село Станци.

Штети од околу седум милиони денари е билансот од неодамнешното невреме во Кривопаланечко, кога беа уништени и оштетени повеќе јавни објекти и приватен имот. Комисијата за процена на штети, по евиденцијата на состојбата на теренот, утврдила дека најмногу оштетувања се нанесени на инфраструктурата во селата Узем и Костур, како и на новиот цевковод и патната мрежа во село Станци.

– Само на патната инфраструктура во Узем и Костур регистрирани се штети од околу 1,6 милион денари. На ова подрачје има урнати мостови, а патот наместа целосно е однесен. Оштетувања има и на трафостаницата и електричната мрежа, во висина од 262 илјади денари, а околу 320 илјади денари се штетите на водоводниот систем во Узем и Жидилово и 260 илјади денари на локалниот пат кон село Кркља. Целосно е оштетен и новиот цевковод во село Станци, кој се’ уште не е пуштен во употреба, а големи штети има и на локалниот пат кон овој правец. Има ископувања од дури еден метар и на ова подрачје едвај се одвива и пешачкиот сообраќај, а цевките од водоводот се целосно соголени. Процената на штетите на овие објекти се околу 1,3 милион денари – вели Александар Ангелов, претседател на Комисијата за процена на штети и раководител на Одделението за изградба и одржување на комуналната инфраструктура.

Санација на штетите од 640 илјади денари е потребна и во градското подрачје по текот на Дурачка Река, каде што има урнати мостови, земјените коловози се целосно однесени, а на асфалтираните делници и електричната инфраструктура им е нарушена стабилноста. Комисијата утврдила и над два милиона денари штета на приватни имоти, а околу 620 илјади денари се оштетувањата на приватен рибник. Од нејзина страна се препорачани повеќе мерки, кои треба да се преземат за заштита на најкритичните објекти во општината.

– Предложивме повеќе приоритетни мерки за санација на штетите за да се спречат понатамошни оштетувања и трошоци. Најитно треба да се заштити новиот цевковод на Станечка Река за да не се уништува и понатаму овој стратегиски објект. Неопходно е и расчистување на коритото на Крива Река од наталожениот отпад, дрвја и камења од селото Костур до градското подрачје, затоа што постои опасност при нови врнежи да се измести текот на реката и да се поплават околните населени места и имоти – истакнува Ангелов.

Според сегашната состојба со оштетувањата, Ангелов нагласува дека ќе бидат потребни многу повеќе пари отколку што е проценетата штета.

– Сегашните процени се само утврдени штети на досегашните постојни објекти. Но, за нивно санирање и заштита од понатамошни поплави и уништување ќе бидат потребни нови проекти и нови објекти, кои ќе ја зголемат вредноста на потребната санација. Општината очекува помош од Владата за да може што поскоро да ги реши проблемите и да ја заштити инфраструктурата од нови оштетувања – вели Ангелов.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст