Национална еколошка акција „Македонија земја на цвеќето – Земја на розата“

Општина Крива Паланка активно ќе се вклучи во спроведувањето на Националната еколошка кампања „Македонија земја на цвеќето – Земја на розата“ која по повод Денот на пролетта ќе се спроведе на 21 Март 2014 година.Спроведувањето на оваа еколошка акција ќе има долголрочни позитивни ефекти по животната средина и здравјето на луѓето преку засадување на садници на рози на јавни зелени површини и покрај јавни сообраќајни површини.

Градоначалникот на Општината во соработка со Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ обезбеди 650 броја на садници од рози кои ќе бидат засадени на повеќе од 20 локации како што се: парковите, скверовите, пешачките патеки, покрај главната улица, дворовите на воспитно-образовните институции и на други локации.

Со цел поквалитетно засадување на садниците со рози акцијата во нашата Општина започна да се реализира уште во текот на минатата недела со засадување на 350 садници со рози од страна на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ на повеќе од 10 локации, претежно во парковски и зелени површини во градот.

На самиот ден на акцијата ќе се изврши засадување на уште 300 садници од рози и тоа: покрај патеката во речното корито на Крива Река, во училишните дворови на училиштата ООУ „Илинден“, ООУ „Јоаким Крчовски“, СОУ „Ѓорче Петров“, ОЈУДГ „Детелинка“, Ученичкиот дом „Боро Менков“ и на други локалитети.

Во акцијата ќе се вклучи и дел од локалната бизнис заедница која исто така ќе изврши засадување на садници со рози во рамките на своите дворни места.

Општината ги поканува сите граѓани да се вклучат во оваа еколошка акција со цел да ги уредиме нашите дворови во вистински цветни градини.

Големина на фонт
Контраст