Дебата помеѓу претставниците на локалните и регионалните власти на ЕУ и Република Македонија за користење на претпристапни фондови

Претставниците на локалните и регионалните власти на земјите на ЕУ и претставници на Република Македонија, помеѓу кои и градоначалникот на општина Крива Паланка г.Арсенчо Алексовски,  се сретнаа во Брисел, за да дискутираат околу последниот напредок во земјата во поглед на процесот на пристапување кон ЕУ, гледано од локално ниво. Присутните споделија и искуства насочени кон ефикасното користење на претпристапните фондови на ЕУ и како да се подготват за имплементирање на структурните фондови на ЕУ.


Локалните и регионалните претставници од ЕУ и Република Македонија одржаа состанок по деветти пат во рамките на Заедничкиот Консултативен Комитет (ЗКК) воспоставен од Комитетот на регионите (КоР) со цел да се осигурат дека локалните и регионалните власти се вклучени во процесот на пристапување на земјата кон ЕУ. Состанокот на ЗКК се фокусира на две главни теми: вклучувањето на локалните и регионалните власти во процесот на пристапување во контекст на Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2013, доставен од Европската комисија. Додека пак, втората тематика се осврна на добрите практики за управување со фондовите на ЕУ за да им овозможи на локалните и регионалните власти да ги искористат претпристапните фондови на ЕУ на најдобар начин и да се подготват за користење на структурните и кохезиони фондови.


Состанокот го отвори Ивица Коневски, градоначалник на општина Аеродром и ко-претседавач на ЗКК, кој го нагласи значењето на стручноста обезбедена од локалните и регионалните власти на ЕУ. „Сакаме да ја градиме нашата иднина во Европската Унија. Затоа, Комитетот на регионите ни излегува во пресрет при утврдувањето на нашите потреби и цели во градењето на подемократско и плуралистичко општество. Поддршката на европските локални и регионални власти е суштинска за нас за да можеме да продолжиме со нашата работа во зацврстување на процесот на децентрализација во нашата земја”, изјави Коневски.
Како ко–претседавач на Европската унија при работната група на Комитетот на регионите, Жак Бланк, градоначалник на Канур, го потенцира вклучувањето на Комитетот на регионите во демократскиот процес во Република Македонија; особено со учеството во набљудувачката мисија организирана од Советот на Европа во текот на последните локални избори во пролетта, 2013 година.
Претставувајќи ја Владата од Република Македонија, Билјана Цветановска-Гугоска, државен секретар на Министерство за локална самоуправа, го потенцираше значајниот напредок постигнат од страна на нејзината земја во полето на политиката. Таа се осврна и кон иднината нагласувајќи дека „нашиот следен чекор ќе биде децентрализацијата на буџетот и дистрибуцијата на фондовите кои произлегуваат од новиот Инструмент за претпристапна помош за периодот 2014-2020 година”.
Претставувајќи го најголемиот регион на Полска, Адам Струзик (ПЛ/ЕПП), маршал на регионот Мазовзе (Mazowsze), презентираше примери од најдобрите практики во неговата земја за управувањето со кохезионите фондови. „ Камен-темелник треба да биде принципот на партнерството. Локалните и регоналните власти треба да работаат заедно со економските и социјалните партнери во избирањето на проектите кои најмногу би придонеле во растот на регионалната економија и во создавањето услови за вработување”, истакна членот на КоР, кој исто така потсети дека „локалните и регионалните власти се одговорни за оценувањето на ситуацијата, утврдувањето на приоритетите, селектирањето на проектите и последователното контролирање, затоа што секогаш се праведни и се придржуваат кон принципите на транспарентноста“.
Република Македонија веќе осум години е земја кандидат за членство во ЕУ и од 2009 година Комисијата препорача започнување на преговорите за пристапување, оценувајќи дека земјата доволно ги исполни политичките критериуми.

ЗКК на КоР за Република Македонија е основан  за да  им овозможи на локалните и регионалните власти на двете страни да бидат вклучени во процесот на пристапување особено во однос на имплементацијата на acquis communautaire на регионално и локално ниво.

Во рамки на овој состанок, беше посетена и амбасадата на Република Македонија и канцеларијата на ЗЕЛС во Брисел, Кралството Белгија.

Големина на фонт
Контраст