Се отстранува тесното водоводно грло

Со реконструкција на мрежата и изградба на нов цевковод, општина Крива Паланка го решава водоснабдувањето на жителите од левиот брег на градот, кои досега се соочуваа со проблем со вода за пиење поради недоволниот капацитет на постојниот водовод. За отстранување на тесното грло, потребна е инвестиција од околу 26 милиони денари. Дел од парите веќе се обезбедени од Министерството за транспорт и врски и од локалната самоуправа, која ги почна активностите за изградба на потребните објекти.

– Ќе биде изграден нов цевковод во должина од два километра и два резервоара, со што ќе се обезбеди квалитетно и редовно водоснабдување за околу 2.000 домаќинства од левиот брег на градот, кои често остануваа без вода поради неприспособената мрежа на бројот на потрошувачите и зголемената потрошувачка во пониските реони. Најкритични се населбите Илинден, Скрљава, Цонев Рид, Единство, Дреначка маала и други, кои од идната година, кога треба да биде завршен проектот, редовно ќе имаат вода за пиење- вели Александар Ангеловски, раководител на Одделението за изградба и одржување на комуналната инфраструктура.

Извор: Дневник