Заврши ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски“

Со изложбата на дела од годинашните учесници, што се одржа во галеријата на стариот конак на манастирскиот комплекс Свети Јоаким Осоговски на 15 септември беше затворена 27-та Меѓународна ликовна колонија Св.Јоаким Осоговски.

На ликовната колонија, која секоја година се одржува од 5 до 15 септември во манастирот Св. Јоаким Осоговски, учествуваа 15 уметници чиишто 30 дела ќе ја надополнат богатата збирка на колонијата од над 700 уметнички слики.

Годинава за прв пат имаше учесници од Аргентина и Австралија. Останатите уметници беа од Украина, Србија, Бугарија, Шведска, Турција и Македонија.

Годинашното издание на колонијата мина во знак на сеќавање на нашиот академски сликар Никола Иванов – Балтон, кој заедно со Петар Мазев и Димитар Стојчевски во 1987 година ја основале колонијата. Во чест на Балтон, на 8 Септември Денот на независноста на Македонија, во манастирската галерија се одржа меморијална изложба со негови дела.

Меѓународна ликовна колонија се организираше во рамки на манифестацијата „Крива Паланка- град на културата 2013“, а традиционално таа е поддржана од Министерството за култура, под покровителство на Македонската православна црква.

Големина на фонт
Контраст