Возот донесе урбанистички хаос

И покрај укажувањата за блокадата и за хаосот во планското уредување на градот, условени од железничката траса, досега државата не и’ помогнала на општината во финансирањето на новите решенија
Локалната власт на Крива Паланка вели дека и’ се врзани рацете во поглед на изработката на новите урбанистички планови и дека се соочува со големи проблеми околу просторното планирање во градот.

Градоначалникот Арсенчо Алексовски потврдува дека продолжува урбанистичката голгота, која трае уште од почетокот на изградбата на новата железничка пруга кон Бугарија, пред 15 години, а со која се соочуваа сите досегашни општински власти. И покрај многубројните барања и укажувања за долгогодишната урбанистичка блокада и за хаосот во планското уредување на градот, условени од железничката траса, досега државата не и’ излезе во пресрет на општината за да и’ помогне околу финансирањето на новите урбанистички решенија.

Според Алексовски, задолжувањата за новите планови, кои се’ повеќе од неопходни, би значело финансиско пропаѓање на општината.

– Локалната самоуправа има долгови од 600 илјади евра и никако не може сама да обезбеди 300 илјади евра потребни за новите урбанистички планови, што би значело само натамошно пропаѓање на општината. Од друга страна, пак, се’ уште се користат старите планови од 1974 година, иако се знае дека тие треба да бидат обновувани на секои 10 години. Ставени сме во многу незавидна позиција да не можеме да го планираме планскиот развој, уредувањето и изградбата на градот, а истовремено е оневозможен и финансискиот прилив во општинската каса, по основа на таксите од комуналната изградба – вели Алексовски.

Општината во 1997 година ја финансираше изработката на новите планови за десниот брег од градот, каде што е трасата на железница, но поради повторна измена на трасата од страна на инвеститорот овие планови станаа неупотребливи и не може да се користат.

– Без поддршка на Владата не можеме да ги изработиме потребните урбанистички планови, а и нормално е државата да ни помогне, затоа што општината еднаш веќе има инвестирано средства за нивна изработка, кои не по наша вина пропаднаа. Сега сме принудени да вршиме само одредени ситни измени на поединечни локации каде што е тоа можно, за што плаќаат самите заинтересирани странки. Но, нам ни е неопходно ново и комплетно урбанистичко решение за целиот град, кое ќе овозможи планско уредување и развој на урбаната средина. Во сегашните услови, врзани ни се рацете и во поглед на привлекување на инвеститорите. Поради неизработените урбанистички планови не можеме да предвидиме локации за индустриска зона и за стопански објекти – поради што трпиме огромни штети – објаснува Алексовски.

На Крива Паланка му е потребен нов генерален урбанистички план за целиот град, со опфат од 540 хектари и детален урбанистички план за 120 хектари од десниот брег на градот. До пред една година нивната изработка беше оневозможена поради недефинираната траса на железничката пруга низ градското подрачје. Откако беше донесено конечно решение за оваа делница, општината се соочи со финансиски проблеми околу изработката на новите планови, а сите досегашни барања за помош од државата останаа без одговор.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст