Пожарникарски натпревар во Велика Британија

Македонски тим, составен од пожарникари-инструктори од Kрива Паланка, Тетово, Струмица и од Штип, покажа дека може да се мерат со најискусните и високообучени противпожарни служби од Велика Британија на Националниот натпревар за спасување, што се одржа од 4 до 6 јули во Мерсисајд, Ливерпул. Македонските пожарникари, кои се натпреварувале во категоријата за интервенции во сообраќајни незгоди, покажале високо ниво на професионалност и успешно се справиле со дадената ситуација во конкуренција на 54 екипи.

На овој натпревар, што го организира Организацијата за спасување на Обединетото Kралство (UKRO), која е дел од Светската спасувачка организација што ја промовира безбедноста на патиштата, првпат беа вклучени и 4 противпожарни тимови од странски држави. Покрај Македонија, на натпреварот учествувале и екипи од Шпанија, Австрија и Турција.

– Во нашата категорија ни беше дадена задача за извлекување жртва од сообраќајна несреќа. Нашиот тим беше меѓу 15-те тима што успеаја да ја извлечат заглавената жртва за време од 18 минути. Другите не успеаја да се справат со ситуацијата за која беа одредени максимални 20 минути. Повеќе судии ја оценуваа нашата интервенција во командниот дел, техничкиот и медицинскиот дел и освоивме вкупно 408 поени. Во севкупниот пласман од 54 екипи, го зазедовме 25. место, што за нас е огромен успех, ако се знае дека британските тимови се далеку пообучени и кадровски и технички многу подобро опремени. Зад нас ги оставивме не само половина од екипите од Британија, туку и екипите на Турција, Австрија и Шпанија – вели Иле Kоцевски, командир на ТППЕ од Kрива Паланка и предводник на македонскиот тим.

Учеството на Националниот британски натпревар на пожарникарите, доаѓа благодарение на соработката со Операција Флоријан, која лани обучи 30 македонски пожарникари за инструктори при сообраќајни незгоди, за ракување со изолациски материјали и за урбано спасување и пребарување жртви при природни катастрофи. На натпреварот учествуваа инструкторите за спасување при сообраќајни несреќи, а покрај Иле Kоцевски и Сашо Јакимовски од Kрива Паланка, тимот го сочинуваа и Фарис Џемаили и Шефајет Емини од Тетово, Ристо Јанакиев и Илија Kозаров од Струмица и Виктор Додевски од Штип.

– Спонзор на нашата екипа беше фирмата „Вимтекс“, производител на опрема за спасување, која ја препознава важноста да се има добро обучени пожарникари за спасување при сообраќајни незгоди и го поддржува развојот на македонските инструктори за постигнување на таа цел. Благодарение на нив и на Операција Флоријан, учеството за нас на овој натпревар беше големо и повеќе од корисно искуство. UKRO е организација која спроведува највисоки стандарди. Тоа подразбира дека при интервенцијата целта не е само да се извлечат повредените или жртвите, туку и да се запазат безбедносните процедури и за извлекување на загрозените учесници во сообраќајната несреќа и за пожарникарите – нагласува командирот Kоцевски.


Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст