Поттик за уметничкото фотографирање

Фотоклубовите „Види“ од Kрива Паланка и „Kозјак“ од Kуманово организираат работилници за изучување и изработка на уметничка фотографија на која се обучуваат околу 40 лица од Kрива Паланка и од Kратово. Работилницата има цел да оформи нова екипа на фотографи за да се врати уметничкиот дел во фотографското творештво.

[embpicasa id=”5898507745983495185″]

– Македонија стои многу слабо на полето на уметничката фотографија. Мртвиот период од аналогна до дигитална фотографија беше катастрофален и излагачкото тело во земјава дури замре. За околу 6-7 години имаше само 30 излагачи, се развија некои други правци, уметничката фотографија беше под стандардите, создавањето скапо и бавно. Со овие работилници шти ги организираме во земјава и пошироко се трудиме да ја вратиме уметноста во фотографијата и да се оформи нова група фотографи, кои ќе продолжат да творат и да излагаат во земјава и во странство – вели Владимир Јовановски, претседател на најстариот Фотокино-клуб во земјава „Kозјак“ од Kуманово, фотограф со големо искуство и член на повеќе меѓународни фотографски организации.

Учесниците ја изучуваат историјата, техниките, композицијата и ликовните елементи на уметничката фотографија, а вклучен е и практичен дел и изработка на фотографиите во дигитална лабораторија. Фото клубот „Види“ од Kрива Паланка ќе организира и изложба на создадените дела од оваа фотографска работилница, која е дел од програмата „Kрива Паланка – град на културата 2013“.

– Нe изненади големиот интерес за оваа работилница. Иако ние сме млад клуб и постоиме само две години, имаме голема поддршка и одлична соработка со искусните и докажани фотографи од „Kозјак“, со чија помош успеавме да ја реализираме и Меѓународната изложба на уметничка фотографија „Душа“ , со која постигнавме рекорд на најголем број учесници од разни земји од целиот свет. Во меѓувреме, организираме и сопствени работилници, така што и нашиот фотоклуб станува поброен, а ќе продолжиме со активна работа и понатаму. Планираме секој поважен настан во Kрива Паланка да го овековечиме со фотоапаратот и да оставиме трајна вредност во аналите на кривопаланечката историја – вели Ѓорѓи Kостовски од фотоклубот „Види“.

Искусните фотографи се категорични дека од уметничката фотографија не може да се живее и да се прави бизнис, туку дека тоа се прави за сопствена душа.

– Често уметничката фотографија ја споредуваме со риболовот. Посветениот рибар не оди за да заработи, туку си го прави ќефот на душата. Така и ние ја изразуваме својата креативност со доловувањето на уметничкиот израз во нашите фотографии, што не  исполнува како личности посветени на фотографијата – објаснува Јовановски.

Извор: Дневник


Големина на фонт
Контраст