Планинари ја чуваат традицијата на пустиножителите

Со традиционалното откинување лист од дудинката во Лесновскиот манастир на изгрејсонце и пречек со планинарско гравче во Осоговскиот манастир на зајдисонце, група од четириесетина планинари деновиве пешачеше по патеката на легендата од 11 век, посветена на патот на пустиножителите Гаврил Лесновски, Јоаким Осоговски, Јован Рилски и Прохор Пчињски. Тие пропешачија 44 километри низ планински предели на Осоговието, одбележувајќи ја на тој начин 15-годишнината на Меѓународната планинарска трансверзала „4М“.

– Веќе 15 години оваа трансверзала предизвикува сe поголем интерес, а веќе е етаблирана и заштитена како туристички бренд. Таа ги промовира убавините на Осоговието, богатото културно наследство и зачуваните народни традиции. Целта е да се обединат природните реткости, планинските убавини и културните знаменитости и да се понуди атрактивна маршрута – вели иницијаторот на трансверзалата, планинарскиот водач Стојанче Величковски.

Овој вид планинарско патешествие е зачеток на трекинг-туризмот кај нас, кој побудува интерес кај широката јавност од земјава и од странство.

– Годинава групата беше составена претежно од млади љубители на планината, кои сакаа да се соочат со планинските предизвици. Во Осоговскиот манастир бевме пречекани со настап на KУД „Фолклористи“ од Kрива Паланка, а сите учесници добија меѓународни планинарски книшки – нагласува Величковски.

Сите 15 години, низ целата маршрута, учесниците на оваа трансверзала ги придружуваат две кученца од Лесновскиот манастир, а тие веќе се навикнати да не тргнуваат на пат без нив.

– Тие се наш заштитен знак, верни пријатели и придружници. Секоја година пешачат со нас. Од Осоговскиот манастир сами си го наоѓаат патот и по 2 дена се враќаат во својот дом, во Лесновскиот манастир – велат планинарите.


Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст