Еко акција „Да ја исчистиме Крива Паланка од отпадоци за еден ден“

Почитувани граѓани,

На 15 мај 2013 година, Општина Крива Паланка на иницијатива на Градоначалникот и во партнерство со Јавното комуналното претпријатие „Комуналец“, организира голема еколошка акција „Да ја исчистиме Крива Паланка од отпадоци за еден ден“.

Основна цел на акцијата е да се исчисти и разубави животната околина со масовно вклучување на граѓаните, правните лица, училиштата, организациите и институциите од општина Крива Паланка. Во оваа акција ќе земат учество околу 3000 граѓани кои ќе бидат распоредени, по однапред утврден план, на околу 200 локации. Планот е детално изготвен од страна на општинската администрација и секоја група има распоред за чистење. Секое дете учесник во акцијата, од дома треба да понесе пластична амбалажа за фрлање која ќе биде одложена на соодветно место од кое екипите од комуналното препријатие понатаму ќе ги собираат и третираат на соодветен начин.

Локалната самоуправа на овој начин исполнува една од своите основни задачи – грижа за животната средина. Но, и помошта од Вас граѓаните е повеќе од корисна и добредојдена. На овој начин и Вие граѓаните имате можност директно да се вклучите во активности од локално значење кои се битни и за самите Вас.

Да излеземе сите и да покажеме самите дека можеме да ја разубавиме и одржуваме еколошки чиста нашата животна средина!

Сите ние зависиме од природата, затоа  да излеземе што помасовно на акцијата, да ги исчистиме отпадоците и да придонесеме за подобрување на нејзиниот изглед. Вашиот придонес кон акцијата може да биде преку: чистење на дворот, чистење на тротоарот и улицата, чистење на долот, на речното корито пред вашата куќа, чистење на дивите депонии и шутот, чистење на зелените површини околу колективните стамбени згради итн.

Општинската администрација, заедно со мене како градоначалник, активно ќе се вклучи во чистењето и уредувањето на околината. Со секое лично или организирано ангажирање во реализацијата на оваа голема акција, ја потврдуваме нашата заедничка одговорност во остварувањето и заложбата за почиста животна средина, поубава и посреќна иднина.

Да ја исчистиме Крива Паланка од одпадоци! Од нас зависи во каква околина ќе живееме!



Општина  Крива Паланка                                                      
Градоначалник,
Арсенчо Алексовски



Големина на фонт
Контраст