Се одржа меѓународната средба „КРАИШТЕ 2009“

Во местото Голеш на тромеѓето помеѓу Р. Македонија, Р. Бугарија и Р. Србија на 12.07.2009 год. на големиот христијански празник Петровден, во организација на Општина Крива Паланка, Општина Босилиград и Општина Ќустендил  се одржа шестата по ред, традиционална меѓународна  средба  „КРАИШТЕ 2009“.

На средбата на присутните им се обратија Градоначалникот на Крива Паланка, Г-дин Арсенчо Алексовски, Секретарот на Општина Ќустендил, Г-дин Борислав Крумов и Градоначалникот на Општина Босилиград, Г-дин Владимир Захариев.Во своето обраќање ја  потенцираа  важноста од оваа и други форми на  меѓусебна соработка  битни за развој на пограничниот регион.

Градоначалникот, Господин Арсенчо Алексовски се осврна на активностите на Општината во изминатиот период, кои  беа насочени и интензивирани во правец на  отворањето на граничните премини. Со големо задоволство Градоначалникот, Арсенчо  Алексовски информира дека мешовитата меѓудржавна  Комисија  беше на терен, ги одбележа нултите точки  и  локацијата – местата на идните гранични премини и во најскоро време очекува овој проблем да биде надминат, а  граничните премини реалност.

Од собирот вети дека во наредниот период во рамки на своите можности и надлежности, потребите на граѓаните од пограничниот регион  ќе бидат негова обврска, обврска на Општината, да ја доизгради патната инфраструктура и да го отвори граничниот премин за да можат граѓаните  слободно да комуницират и да се движат.

Како дел од меѓународната средба „КРАИШТЕ 2009“, а во знак на развиената културна соработка помеѓу Општините од Македонија, Бугарија и Србија, присутните имаа  задоволство да  проследат богата културно – уметничка програма. Културно уметничките друштва и фолклорни ансамбли од трите општини ја презентираа богатата традиција и култура на добрососедските земји низ сплетот на народните песни и ора кои секогаш биле и ќе бидат една од најважните врски меѓу блиските народи.

Големина на фонт
Контраст