Започна 10-тото, јубилејно издание на манифестацијата „Град на културата“

Kрива Паланка со право го добива епитетот културна престолнина и станува сцена на која уметниците од нашата земја и пошироко ќе презентираат над 180 проекти, театарски претстави, музички концерти, изложби и многу други квалитетни содржини што ќе ја поттикнат соработката со другите општини, а и со институциите од областа на културата од целата држава, истакна министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска на вчерашната промоција на новата археолошка поставка на Градскиот музеј во Kрива Паланка, со што и официјално беше отворена манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2013“.

[embpicasa id=”5855521052505056625″]

Поставката има повеќе од 150 археолошки предмети од праисторискиот, античкиот период, па сe до средниот век, примероци карактеристични само за ова поднебје. Посетителите имаат можност да видат уникатни наоди, македонски бронзи, датирани помеѓу 7 и 6 век пред нашата ера, ексклузивен накит, посребрени садови, бронзено умбо, меч и монети создадени помеѓу 1 и 4 век од нашата ера.

– Оваа поставка ја доловува сликата за постоењето на овој град низ вековите, неговата улога во поврзувањето на Ориентот и западната цивилизација и верувам дека истата ќе биде голема провокација и за нашите граѓани, но и за посетителите од регионот и пошироко – подвлече Kанческа-Милевска.

Градоначалникот Арсенчо Алексовски нагласи дека благодарение на вложениот труд во областа на културата во изминатите 4 години, Kрива Паланка заслужено го добила вредното признание да биде прогласена за културна престолнина за 2013 година.

Во рамките на посетата министерката Kанческа-Милевска ја отвори и ретроспективната изложба на ликовни дела од Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, сместена во просториите на Центарот за култура во Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст